Крмов: Ќе почекаме до понеделник дали ќе се обнови дијалогот за Изборниот законик, па ќе поднесеме измени за укинување на платеното политичко рекламирање

Пратеничката група на Левица до понеделник ќе почека на обновување на дијалогот за Изборниот законик, а доколку тоа не се случи најавува дека ќе поднесува измени на Изборниот законик.

Координаторот на пратеничката група Борислав Крмов денеска на прес-конференција рече дека ќе почекаат да видат дали другите партии ќе се согласат за нов дијалог и каков ќе биде исходот од предлогот на министерот за правда Јетон Шасивари.

Доколку нема разговори Левица, според Крмов, најнапред ќе поднесе предлог измени на Изборниот законик што би опфаќале укинување на платеното политичко рекламирање, а потоа и за една изборна единица и други предлози. Доколку не биде прифатен нивниот предлог за платеното политичко рекламирање Крмов најави радикализација, односно блокирање на работата на Парламентот.

Потегот на Левица доаѓа по вчерашната одлука на Уставниот суд да не поведе постапка по нивното барање за платеното политичко рекламирање.

Back to top button
Close