Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања 2024“ по 13. пат во Вевчани
Околу 30 уметници од земјава и странство ќе учествуваат на 13. Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања 2024“ што од 22 јуни до 6 јули ќе се одржува во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани.
Ефимија Угриноска Кукоска, организатор на колонијата информира дека и годинава учеството го потврдила разнолика група талентирани уметници од целиот свет. Меѓу уметниците се: Доне Милјаноски, Зоран Јакимоски, Томе Мишев, Синиша Кашавелски, Петар Попчев, Данчо Ордев, Владимир Темков, Трајче Блажевски, Ангел Миов, Фехим Хушковиќ, Глигор Васков, Ване Костуринов, Љупка Василева од Македонија, Далас Атент и Робин Шварцман од САД, Нина Русева од Бугарија, Кристоф Бартник и Барбара Бартник од Полска, Миролјуб Сретеновиќ, Миливоје Штуловиќ, Ивана Живиќ, Даниела Радовиќ Хес, Каќа Ѓорѓевиќ, Ѓорѓе Станиќ, Тодор Јовановски од Србија и Самела Белјази од Албанија.
– Покрај учеството на познати сликари и оваа година колонијата реализира посебен настан „Детска ликовна школа“, која ќе поттикне креативност и уметничко изразување меѓу најмладите таленти. Во соработка со Шпаркасе банка и оваа година во Вевчани ќе дојдат млади студенти и новодипломирани сликари, кои имаат уникатна можност да работат заедно со утврдени уметници и да стекнат непроценливо искуство, истакна Угриноска Кукоска.
Отворањето на колонијата, додаде, ќе биде спој на музиката и останати визуелни уметности, со настап на дуо со стилски и естетски разновиден избор на дела за флејта и пијано, како и изложба на најдобрите дела на македонските сликари од претходните колонии.
Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ изминатите 13 години прерасна во значаен културен настан, кој поттикнува креативност, соработка и културна размена. И годинава целта е да ја продолжи традицијата, обезбедувајќи платформа за уметниците да создаваат и да инспирираат.