Банкарскиот систем останува здрав и стабилен, oдржана редовна седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка на редовната седница го разгледа и го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2024 година. Во Извештајот се оценува дека банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност и сигурност во работењето, со подобрена солвентност, одржана ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио, информираат од Кабинетот на гувернерот на Народната банка.
Стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 18,9%, коешто е највисоко анализирано од 2006 година наваму. Подобрувањето на показателот, се вели во соопштението, произлегува од растот на сопствените средства на банките, најмногу заради реинвестирањето на добивките од минатата година. Повисоките показатели за солвентноста во голема мера се поттикнати и од повисоките регулаторни и супервизорски барања во врска со капиталот на банките, пред сѐ поврзано со заштитните слоеви на капиталот (противцикличниот и заштитниот слој на капитал за системските значајни банки) и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оценка.
Ликвидноста на банките се задржа на вообичаените задоволителни нивоа. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем изнесува 279,1%, што е значително повеќе од регулаторниот минимум (100%) и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем.
-Во првиот квартал од 2024 година, квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа, и покрај тоа што дел од показателите за изложеноста на кредитниот ризик забележаа зголемување, што се должи на методолошките промени коишто се воведоа од почетокот на годината, со примената на новата Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик. Со новата Одлука се направи целосно усогласување со новата регулатива на ЕУ во овој сегмент. Стапката на нефункционални кредити на ниво на банкарскиот систем се зголеми за 0,3 проценти поени, што е ефект од поинаквиот методолошки пристап во определувањето на нефункционалниот статус на кредитната изложеност, а не на променетата кредитоспособност на клиентите, информираат од НБРСМ.
Во услови на подобрена солвентност, заедно со традиционално солидната ликвидност, билансите на банките продолжија солидно да растат. Депозитите од нефинансиските субјекти остварија солиден годишен раст од 9,1%, со забележителни поволни поместувања во рочните и валутните склоности на депонентите, при што долгорочните депозити го забрзаа годишниот раст на 28,3%, а депозитите во денари растеа двојно побрзо од девизните депозити. Кредитната активност на банките забележа годишен раст од 6,2%, кој што беше присутен кај кредитите и кон домаќинствата и кон претпријатијата.
На седницата, се вели во соопштението НБРСМ се разгледала и Годишната информација за плаќањата во земјава во 2023 година при што беше заклучено дека според податоците од банките со кои располага Народната банка продолжи трендот на годишен раст на бројот на безготовински платежни трансакции за 12,4 %, при остварени 218 милиони платежни трансакции. Растот во значаен обем произлегува од посилниот раст на бројот на трансакции со платежни картички за 17,3%, со што нивното учество во вкупниот број безготовински трансакции достигна значителни 65,2%, при истовремено зголемување и кај вредноста на овие трансакции за 16,2%. Притоа, забележан е сѐ поголем број на плаќања со картички на физичките места на продажба (годишен раст од 18,0%), но продолжува и позитивниот тренд на пораст на плаќањата во е-трговијата (годишен раст од 11,3%).