Ќе го шират биогасниот комплекс во Овчеполието: Синовите на Кочо Анѓушев ја купија фармата „Ерџелијa“

Синовите на познатиот бизнисмен и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев – Огнен и Ангел го купија едно од најпознатите приватни друштва од Свети Николе и Овчеполието, фармата „Ерџелија“, која во иднина ќе биде претворена во земјоделско-енергетски комбинат и припоена кон биогасната електрана во Сарамзалино, пишува „Фактор“.

Огнен Анѓушев и Ангел Анѓушев, заедно со охриѓанецот Кирил Спасески, со чие семејство Кочо Анѓушев е во партнерски однос во инвестирањето во првата биогасна централа во Сарамзалино, од крајот на минатиот месец се нови сопственици на фармата, на местото на познатиот земјоделец Никола Петковски.

 

Како што пишува „Фактор“, тимот кој го застапува Анѓушев потврдува дека на земјиштето ќе продолжат инвестициите во примарната дејност, житни култури, но сега од нив ќе се прави погонско гориво во биогасната електрана, каде заедно со органскиот отпад ќе се прави електрична енергија од биогас.

„Сопственици на „Ерџелија Полјоделство“ се 50 отсто Ангел и Огнен Анѓушеви и 50 отсто сопствениците на АСП-ПАК Охрид. Станува збор за земјоделска површина од 1.350 хектари, на која ќе се одгледува пченица, јачмен, ‘рж и пченка, за потребите на производство на силажа како гориво за биогасната електрана Сарамзалино, која произведува еколошка електрична енергија, а како нуспродукти излегуваат хумус, органско ѓубриво и топла вода за оранжерии“, информираат од таму.

За потребите на биогасната електрана досега веќе се засејувале 1.200 хектари во Овчеполието, а со новите површини на „Полјоделство Ерџелија“ бројката ќе се зголеми на вкупно 2.600 хектари квалитетно плодно земјиште, што беше најавено минатиот ноември

 

Back to top button
Close