НАШАТА БОЛНА РЕАЛНОСТ Е ИНСТИТУЦИОНАЛЕН МОЛК, ЧИЈА ЦЕНА ГРАЃАНИТЕ ЈА ПЛАЌААТ
Трифун Костовски

Почитувани читатели,
Мојата борба за вистината, поврзана со стечајот на Еуростандард банка, не престанува затоа што не е само моја лична борба, туку борба за правна држава.
Изминатите шест години научив дека, кога човек сака да ја разбере вистината, не смее да остане само на површината. Мора да навлезе подлабоко во суштината, во документите, во законите, во одлуките на институциите и, најважното, во прашањето кој одговара кога институцијата ќе погреши?
Колку повеќе навлегувам во овој перфидно изигран случај, толку повеќе сфаќам дека прашањето за Еуростандард банка одамна не е само прашање за една банка, едно семејство или една инвестиција. Тоа е прашање за функционирањето на правната држава, за целиот наш институционален систем.
Правна држава не е држава во која само граѓаните одговараат пред институциите. Правна држава е држава во која и институциите одговараат пред граѓаните ЕУРОСТАНДАРД ВО УСЛОВИ КОИ БАРААТ ОДГОВОР
Во изминатиов период детално ги проучував случаите на престанок на работа и санација на банки во земјите членки на Европската Унија. Она што ме принудува повторно и повторно да поставувам прашања е специфичниот контекст во кој беше одземена дозволата на Еуростандард банка. Одлуката беше донесена во август 2020 година, непосредно по вонредната состојба предизвикана од COVID-19, во исклучително чувствителен политички и институционален период, веднаш по завршените предвремени парламентарни избори кога немавме формирано собрание и влада на Република Македонија. Тоа само по себе не докажува незаконитост, но создава обврска институциите денес многу јасно да одговорат, дали сите околности биле земени предвид пред да се донесе најтешката можна одлука, одземање на дозволата за работа?
За време на пандемијата беа воведени мерки коишто директно влијаеја врз наплатата, ликвидноста и нормалното функционирање на економијата. Затоа постојано, неуморно прашувам, дали може банката да биде оценувана исто како да работи во нормални пазарни услови, ако истовремено нејзината работа е погодена од вонредни државни и регулаторни мерки?
И уште поважно прашање е дали Народната банка го пресметала ефектот на тие ограничувања, пред да донесе одлука која практично ја уништи вредноста на инвестицијата?
24 МИЛИОНИ ЕВРА НА СМЕТКА – А БАНКАТА ОДИ ВО СТЕЧАЈ
Во моментот кога на Еуростандард банка ѝ беше одземена дозволата, банката располагаше со значителни ликвидни средства. За мене останува суштинско прашањето, ако банката располагала со повеќе од 24 милиони евра ликвидни средства, кои показатели точно покажале дека не постои друга реална опција освен одземање на дозволата? Не барам јавноста да ми верува мене, барам институцијата да ја покаже својата пресметка.
Не барам документ со одредено име туку документ и изворни бројки, врз основа на кои Народна банка заклучила дека на 12 август 2020 година Еуростандард банка мора да престане да работи.
Тоа е сè. Ако постои таков документ, нека биде покажан. Ако постоеле други опции, нека се покаже како биле оценети. Ако била разгледана администрацијата, нека се покаже зошто била отфрлена. Ако докапитализацијата, санацијата или влегувањето на нов инвеститор биле оценети како невозможни, нека се покаже и докаже врз кои факти.
52 МИЛИОНИ
27 МИЛИОНИ
А ДЕНЕС…
Кога започна случајот, во јавноста се пласираше бројка од приближно 52 милиони евра. По речиси шест години истрага, обвинителството во кривичната постапка излезе со значително понизок износ од околу 27 милиони евра. Во меѓувреме, стечајот продолжува, се вршат наплати, се распределуваат средства, се намалуваат побарувањата. Затоа, денес главното прашање не е дали јас мислам дека некоја бројка е точна или погрешна туку колкава е вистинската, конечна и нето економска штета? Што ќе се случи ако стечајната маса на крајот ги покрие обврските и останат средства за акционерите? Кривичната одговорност не смее да се гради врз бројка која се менува без јавноста да добие јасна методологија за тоа како е пресметана.
ШЕСТ ГОДИНИ НЕ СЕ САМО ВРЕМЕ
Шест години се огромен период во животот на еден човек. Шест години со замрзнат имот, нарушен углед со истраги, постапки, сомнежи и јавни квалификации.
И затоа, кога по толку години определени делови од првичната правна конструкција се запираат или менуваат, легитимно е да се праша, дали предметот од самиот почеток бил правилно поставен?
Имаме закони, но прашањето ми е дали тие закони еднакво важат и за граѓаните и за институциите?
ШЕСТ ГОДИНИ ПОДОЦНА НЕ БАРАМ МИЛОСТ
Изминатите шест години ме направија уште поодлучен. Не барам милост ниту заштита. Барам само институциите да ги покажат фактите, документите да бидат ставени на маса и секоја одлука да има име, датум, правен основ и пресметка.
Ако сум сторил кривично дело, нека ми биде докажано пред суд.
Но ако институцијата погрешила, тогаш и нејзината грешка мора да има име и одговорност.
АРБИТРАЖАТА НЕ Е ЗАКАНА ТУКУ ПРАВНО СРЕДСТВО
Како инвеститор со странски капитал, имам право да ги користам сите правни механизми што ми стојат на располагање. Ова не го велам со задоволство, напротив за мене би било поразително спорот за инвестиција, направена во сопствената земја, да мора да го бара своето разрешување пред меѓународна арбитража. Свесен сум дека евентуалната цена на грешките на институциите не ја плаќа апстрактна држава туку граѓаните.
Токму затоа сметам дека Владата треба сериозно да ги разгледа сите факти, документи и последици пред спорот да влезе во меѓународна правна фаза.
Арбитражата не треба да биде прв избор, ниту молчењето може да биде последен одговор.
МОЈАТА ПОРАКА ДО ВЛАДАТА
Отворено ѝ се обраќам на Владата на Република Македонија:
Не барам од Вас да застанете на моја страна, ниту да влијаете врз судот. Не барам да обвините ниту една институција однапред.
Барам нешто многу поедноставно. Наједноставно, отворете ги документите! Побарајте од Народната банка да ја покаже фактичката и пресметковната основа на одлуката од 12 август 2020 година. Побарајте јасна методологија за штетата. Побарајте целосна слика за стечајната маса и наплатите. Побарајте одговор на прашањето дали сите алтернативи биле реално разгледани.
И ако сето тоа покаже дека институциите постапиле правилно, јас ќе морам да го прифатам фактот..Но ако покаже спротивно, тогаш не може повторно граѓанин да биде единствениот што ја плаќа цената.
Јас продолжувам
Почитувани читатели,
Барам да застанете зад принципот дека никој не е над законот. Македонија нема да стане правна држава со тоа што ќе донесе уште еден европски закон. Ќе стане правна држава тогаш кога секој што располага со јавна моќ ќе знае дека еден ден може да биде прашан: зошто ја донесовте оваа одлука, врз основ на кој документ,
со која пресметка и кој ја сноси одговорноста ако сте погрешиле?
Мојата борба не завршува со Еуростандард банка. За мене денес таа е борба за принцип, дека државата е најсилна не кога никој не смее да ја праша, туку кога е способна да одговори на прашањата. И затоа, со сета моја човечка одгиворност, не барам одмазда или привилегија, но не сакам ни институционален молк.
Барам вистина, одговорност и право еднакво за сите.
Ако Македонија може сама да ја утврди вистината, тоа ќе биде најголемата победа. Ако не може, ќе ги користам сите правни механизми што како инвеститор ми стојат на располагање, вклучително и меѓународната арбитража. Со тешко срце, но со целосна решеност, затоа што капиталот може повторно да се создаде, дури изгубеното време, нерви и здравје да се преживеат.
Но, држава без доверба во правото, нема иднина.
Јас продолжувам!






