Воени авиони на НАТО соборија дрон во воздушниот простор на Литванија, кој влегол од Белорусија
Воени авиони на НАТО соборија дрон во воздушниот простор на Литванија, соопшти рано утрово литванскиот претседател Гитанас Науседа.

„Им благодарам на припадниците на нашите сојузници за нивната брза реакција“, напиша Науседа на Х.
„Во момент кога Русија ја засилува својата агресија врз Украина, таквата подготвеност е од витално значење за нашиот регион. Заедно со нашите сојузници од НАТО, Литванија ќе го заштити својот воздушен простор“, додаде тој, без да посочи од која држава е лансиран дронот.
Според литванското национално радио ЛРТ, кое цитира прелиминарни податоци од Националниот центар за управување со кризи, дронот влегол од соседна Белорусија и се движел кон запад. Тој паднал во рурално подрачје во близина на езерото Каунас, во централниот дел на земјата.
„Изразуваме најискрена благодарност до нашите сојузници, чие присуство придонесува за заштита на нашиот воздушен простор и за зајакнување на нашата безбедност“, напиша на Х литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис, кој додаде дека „НАТО останува буден, посветен и подготвен“.
Во меѓувреме, генералштабот на полската армија ноќеска соопшти дека почнал „воздушни воени операции“ над земјата поради удари нанесени од руски дронови врз соседна Украина.
Литванија, Летонија и Естонија – поранешни советски републики кои граничат со Русија – редовно регистрираат влегувања на дронови во нивниот воздушен простор.
На 19 мај воен авион на НАТО над Естонија собори украински дрон, што беше прво пресретнување на туѓ дрон во воздушниот простор на балтичка држава од страна на военовоздухопловната мисија на НАТО од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Според европски аналитичари, Русија намерно ги отклонува од нивниот курс украинските дронови кои се лансирани кон индустриски капацитети и нафтени терминали во регионот на Санкт Петербург, сместен на Финскиот Залив






