Чакал влегол во шатор и нападнал дете во камп во Неос Мармарас
Немирна ноќ имале туристите во познатото грчко летувалиште Неос Мармарас, откако диво животно влегло во камп и стигнало до шатор во кој престојувало семејство од Србија со мало дете.

Инцидентот се случил околу еден час по полноќ во Camping Marmaras. Според информациите објавени во грчките и српските медиуми, животното влегло во шаторот и го нападнало детето, при што му нанело повреди во пределот на лицето.
Детето веднаш било пренесено во болница, каде што раната била обработена и зашиена. Потоа било префрлено на лекување во државна болница во Солун. Според последните информации, неговата здравствена состојба е добра.
Ловечката федерација на Македонија и Тракија, повикувајќи се на болнички извори, соопштила дека станувало збор за напад од чакал. За случајот била известена и Шумската управа во Полигирос, чии служби трагаат по животното.
Не се совпаѓаат информациите за возраста на детето. Додека дел од грчките медиуми наведуваат дека има околу пет години, „Grčka info“ објавува дека детето нема наполнето две години.
Случајот предизвика дополнителна загриженост бидејќи само два дена претходно, на плажа во поширокиот регион на Неос Мармарас, диво животно нападнало 55-годишен маж и го повредило во пределот на вратот.
Чакалите вообичаено ги избегнуваат луѓето, поради што ваквото однесување се оценува како невообичаено. Надлежните служби продолжуваат да трагаат по животното.






