Демографски рекорд во Јапонија: Повеќе од сто илјади лица постари од сто години
Бројот на стогодишниците во Јапонија во септември достигна рекордни 107.677, зголемувајќи се 56-та година по ред, соопшти Министерството за здравство, труд и социјална заштита.

Вкупниот број стогодишници е зголемен за 7.914 во однос на претходната година, со што за првпат е надмината границата од сто илјади.
Жените сочинуваат 87,6 отсто од таа група, односно 94.298 лица. Податоците собрани врз основа на регистарот на населението со состојба на 1 септември, покажуваат дека бројот на мажи и жени на возраст од сто или повеќе години се зголемил за 1.400, односно 6.514.
Уште 54.294 лица ќе наполнат сто години во текот на фискалната 2026 година, што е зголемување за 1.984 во однос на претходната година.
Трошоците за социјална сигурност во Јапонија растат од година во година поради падот на наталитетот и стареењето на населението, што создава притисок врз јавните финансии, особено имајќи предвид дека фискалната состојба на земјата е веќе најлоша меѓу големите развиени економии.
Фујо Кишимото, жителка на Кјото родена на 20 декември 1911 година, со 114 години е најстарата жена во Јапонија, додека Хикару Като, маж од Кумамото роден на 2 мај 1914 година, со 112 години е најстариот маж.
Просечниот број стогодишници на сто илјади жители во Јапонија изнесува 87,51.
Бројот на стогодишници во Јапонија изнесувал 153 во 1963 година, кога за првпат почнало собирањето на податоците. Од 1970 година кога нивниот број изнесувал 310, тој растел секоја година, надминувајќи илјада во 1981 година, десет илјади во 1998 година и 50 илјади во 2012 година.
Просечниот животен век во Јапонија во 2025 година изнесувал 87,33 години за жените и 81,35 години за мажите.






