ВМРО-ДПМНЕ: Спасов со агенцијата „Рејтинг“ испумпа милиони евра од државниот буџет, сега шири лаги и манипулации
Во 2023 година Спасов стана сопственик на нова компанија за производство на електрична енергија „Гама Солар“, а само после три дена Регулаторната комисија за енергетика, со одлука му одобри и лиценца за изградба на фотоцентрала, под име „Гама Солар1“ со моќност од 2,18 мегавати, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Човекот кој преку неговата агенција „Рејтинг“ се насобра еден куп тендери од милиони евра, а си отвори и фотоцентрала во годините на власт на СДС, сега мора да го отплаќа долгот преку низок пи-ар, наталожен со лаги и манипулации, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејчката партија велат дека Никола Спасов со агенцијата „Рејтинг’ испумпал од државниот буџет милиони евра.
„Во 2020 година од Град Скопје во времето на Петре Шилегов, Спасов добил над 16.000 евра, но исто така и 4.500 евра од Општина Карпош кога градоначалник беше Стефан Богоев, познат по играње на компјутерски игри, со своите другари во општината. Во 2021 од Општина Охрид, од тогашниот градоначалник Константин Георгиевски, добил 15.000 евра. Истата година добил 60.000 од Министерството за здравство, предводено од никој друг, туку неговиот сегашен шеф, Венко Филипче. Понатаму, во истата година, во месец август Спасов, од Владата добил тендер вреден цели 300 илјади евра“ се наведува во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2022 година од Владата добил над 420.000 евра, за промоција на македонското вино во Белград, велат од ВМРО-ДПМНЕ и истата година во декември, како што се наведува во соопштението, Спасов добил тендер од 50 илјади евра од Министерството за финансии и уште еден од 100.000 од Министерството за надворешни работи.
„Во 2023 година Спасов си стана и сопственик на нова компанија за производство на електрична енергија „Гама Солар“, а само после три дена Регулаторната комисија за енергетика, со одлука му одобри и лиценца за изградба на фотоцентрала, под име „Гама Солар1“ со моќност од 2,18 мегавати. Откако Спасов ги лажеше граѓаните преку лажни анкети, дека СДС нема да ги изгуби изборите, сега има слична задача, но исто толку провидна, да ја лаже и манипулира јавноста, преку политика на ниски страсти“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.