Глобалната побарувачка за бакар расте, само рударството не може да ги задоволи идните потреби

Бакарот е еден од клучните критични минерали за современата индустрија, а неговата растечка побарувачка претставува сè поголем предизвик за глобалното снабдување. Ова се наведува во анализата „Синтеза на европскиот синџир на снабдување со бакар во рамките на Директивата за критични суровини“, изработена од холандскиот Факултет за инженерство и геологија и објавена месецов во стручното списание „ScienceDirect“.

Во анализата се посочува дека Европската Унија настојува да ја зајакне отпорноста на својот систем за снабдување со критични суровини преку зголемување на ископот, преработката и рециклирањето во рамките на ЕУ. На тој начин се намалува зависноста од трети земји и се поттикнува развојот на циркуларната економија.

Бакарот има незаменлива улога во електрификацијата и развојот на технологиите за чиста енергија. Истовремено, станува збор за метал кој лесно се рециклира, при што секундарниот бакар ги задржува истите карактеристики како примарниот. Студијата предупредува дека идната побарувачка може да го надмине примарното снабдување, бидејќи постојните капацитети за рударење и преработка нема да бидат доволни за потребите на зелената транзиција.

Во овој контекст, развојот на потенцијални рударски проекти, меѓу кои и „Иловица–Штука“, останува можност за економски развој и за поголемо вклучување на земјата во европските синџири на снабдување со критични суровини.

Претходно, домашните експерти повикаа Македонија да се вклучи во трката за критични минерали и да ги искористи своите ресурси преку воспоставување на одржливо рударство, во согласност со европските стандарди.Тоа беше напоменато и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, а геолозите и инженерите во јавните излагања потврдуваат дека Македонија има големи потврдени капацитети на бакар, особено во Иловица. Дури и во неодамнешна анализа на професори од Универзитетот во Штип се нагласува дека порфириското наоѓалиште на бакар и злато „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект, но неговата траекторија е доминирана од судски спорови за концесии и спојувања, наместо од едноставно извршување на проектот. Проектот сепак добива поддршка од локалната иницијатива „И здравје и работа“, од каде соопштија дека одговорното развивање на рударските проекти може да придонесе за отворање директни и индиректни работни места, развој на локалните бизниси, зголемување на извозот и подобрување на јавните приходи.

„Во време кога минералните суровини стануваат сè поважни за европската и светската економија, нашата земја треба да го искористи својот потенцијал преку стручни анализи, современи технологии и високи стандарди за заштита на животната средина… Минералните ресурси не треба да останат неискористен потенцијал. Со знаење, современа технологија и одговорно управување, тие можат да придонесат за економски развој, подобар животен стандард и создавање иднина во која младите ќе имаат причина да останат и да живеат во Македонија“, порачаа од иницијативата.

Инаку, како што пишува во студијата на холандските професори, за да обезбеди економска отпорност, Европската Унија се справува со ризиците поврзани со стратешките зависности, особено по геополитичките конфликти и како резултат на тоа, ЕУ им дава приоритет на стратешката автономија и на сигурниот пристап до критичните суровини, кои се од суштинско значење за постигнување на климатските цели.

„Овие фактори заеднички го прават бакарот материјал што е истовремено стратешки клучен и методолошки репрезентативен за проучување на дизајнот на инфраструктурата за рециклирање. Итното прашање не е толку исцрпувањето на бакарот или на другите критични метали, туку неможноста тие да се обезбедат навреме за зголемените идни потреби на индустриите. Временскиот период потребен за развој на нови рудници е долг и често изнесува од 10 до 20 години“, се додава во текстот.

Авторите порачуваат веднаш бакарот и да се рециклира, со оглед на долгиот временски период потребен за изградба на нови рудници, иако постапките за издавање дозволи за отворање рудници, постројки за преработка и капацитети за рециклирање – кои претходно беа расцепкани и бавни – ќе се спроведуваат по забрзаната процедура за стратешки проекти.

Последно, инвестицискиот фонд  „Sprott Asset Management“ објави прогноза дека глобалното производство на бакар од рудници би можело да падне оваа година, за првпат по речиси една деценија, и покрај тоа што цените достигнаа рекордни нивоа. Ова се должи на пречките во работењето, опаѓањето на квалитетот на рудата и слабото производство од големите наоѓалишта. Во прогнозата се истакнува дека на проектите за бакар им се потребни во просек околу 17,5 години за да преминат од фазата на откривање во фазата на производство.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close