Леброн Џејмс: Не се гледам себеси на ОИ во Лос Анџелес

Американската кошаркарска суперѕвезда Леброн Џејмс најави дека нема да настапи на следните Олимписки игри во Лос Анџелес.
„Не, не се гледам себеси како играм во Лос Анџелес“, одговори 39-годишниот Џејмс на новинарско прашање дали размислува да игра на следните Олимписки игри.
САД синоќа ја совладаа Франција со 98-87 во финалето на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри во Париз, а Леброн Џејмс го заврши натпреварот со14 поени, шест скокови, десет асистенции и пет украдени топки.
Тоа е негов трет олимписки златен медал, прв од 2012 година.
Џејмс беше прогласен за МВП на олимпискиот турнир и беше избран во најдобрата петорка заедно со репрезентативниот колега Стивен Кари и Германецот Денис Шредер, Французинот Виктор Вембанјама и Србинот Никола Јокиќ.

Back to top button
Close