Сиљановска: Овој празник е потсетување дека нас никој не нѐ ослободувал, туку сами се ослободивме

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, што се одржа во Центарот за обука на вода во Охрид.

Во своето обраќање претседателката Сиљановска Давкова оддаде признание на припадниците на Армијата за нивното дисциплинирано, совесно и одговорно извршување на воените должности, како дома, така и во странство, преку учество во бројни мировни мисии. Претседателката особено ја истакна посветеноста на Армијата во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби, како што се пожарите на територијата на целата држава, секогаш правејќи го тоа професионално и пожртвувано и поради тоа, како што нагласи, Армијата континуирано ужива највисока доверба кај македонските граѓани.

„Ви го честитам денешниов ваш и наш празник – 18 Август, Денот на Армијата. Овој празник е потсетување дека нас никој не нѐ ослободувал, туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна народно – ослободителна борба.

Како претседателка на Републиката, како врховна командантка на вооружените сили, но и како партизанска ќерка, стојам пред вас, горда на вас, наследниците на партизаните. Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на армијата сте вистинските чувари на наследството – слободната македонска држава, која пред 80 години, на АСНОМ, ни ја оставија нашите храбри предци.

Back to top button
Close