Рутинска победа на Фуксе Берлин над Еурофарм Пелистер во Битола

Германскиот ракометен вицешампион Фуксе Берлин вечерва во Битола без поголеми тешкотии и рутински го совлада Еурофарм Пелистер со 30:22 (15:9).

Во спортската сала „Боро Чурлевски“, бундеслигашот лесно и без поголем напор ги „стопи“ почетните амбиции и оптимизам на битолчани, кои во ниту еден момент од средбата, според резултатот и играта не се доближија до врвните ракометари од Германија и интернационалците кои настапуваат во Фуксе Берлин.

Потврда за тоа е статистиката, бидејќи најефикасен во тимот на гостите беше данскиот ракометар Андерсен кој постигна 7 голови, а одличен на голот беше српскиот интернационалец Милосавлев со 14 одбрани.

Светла точка во тимот на Еурофарм Пелистер беа младите Ристевски и Ѓоргоновски, кои иако со мала минутажа, сепак оставија подобар впечаток од „ѕвездите“ на клубот кои останаа во длабока сенка на гостинскиот тим кој трет пат последователно ги победува битолчани.

Во следното коло Еурофарм Пелистер, на 26 септември ќе има тешко гостување во Букурешт каде ќе се сретна со Динамо, клуб кој е лидер во групата „А“ од ракометната лига на шампионите.

Back to top button
Close