За ВМРО-ДПМНЕ пукотниците во Скопје се резултат на односот на СДСМ со скопското подземје

„СДС од бандите во Скопје направи тајкуни плаќајќи долг за изборите од 2016 година кога истите тие бандити беа главни во штабовите на СДС низ Скопје“, велат од владејачката партија

По синоќешното пукање во скопската населба Чаир, во кое беше повредено едно лице, владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинува дека „престрелките на разулавените банди низ Скопје се директно масло на односите на СДС со скопското подземје и завојуваните групи“.

„СДС од бандите во Скопје направи тајкуни плаќајќи долг за изборите од 2016 година кога истите тие бандити беа главни во штабовите на СДС низ Скопје“ велат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

Оттаму упатуваат и обвинувања до поранешниот генерален секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, и ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за кои велат дека со овие работи биле целосно во тек, а бандитите работеле како нивна подружница сè додека не станале помоќни од нив.

„СДС додека ги пие таблетите за заборавање не треба да мисли дека цел народ ги пие исто така. Народот памети, а посебно скопјани и посебно младите деца и родителите чии деца директно гледаат што се случува по скопските улици и како дрогата стана полесно да ја купиш од еден аналгин“ се додава во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, опозициската СДСМ за ваквата ситуација има директна одговорност, за која велат дека датира одамна.

„Бандитската љубов и должничко-доверителски однос на врвот на СДС со дилерите, рекетарите и убијците датира одамна, а кулминира во 2017 година и СДС најмалку што може да направи е да се извини на јавноста за соучесништвото во овие ситуации и немили настани. На крај на денот, нека си ги видат фотографиите на учесниците во сите престрелки досега и ќе се потсетат на нивните заеднички седенки кога со нив, кога со врвот на ДУИ, чии измеќари беа и сè уште се“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

За синоќешното пукање во Чаир денеска од СДСМ обвинија дека со оваа власт улиците во Скопје се „див запад“.

СДСМ го обвинува Тошковски за намалена безбедност, по синоќешното пукање во Чаир

Според нив, ова сведочи за целосната неспособност на министерот за внатрешни работи Тошковски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, и додаваат дека граѓаните стравуваат за својата безбедност.

Од СДСМ денеска побараа и оставка од Тошковски и порачаа дека досега немало понеспособен министер за внатрешни работи.

МВР за инцидентот во Чаир: Во повредениот било пукано од возило „пасат“

Back to top button
Close