Портал X: СТАРДАСТ“ добила две спонзорства од Лотарија: Непозната сума за 35 години независност и 1.85 милиони за непозната цел
Компанијата на Миа Милошевска, ќерка на Бобан Милошевски од „Авалон“, добила 1,85 милиони денари од Лотаријата во февруари, а само два месеци подоцна била избрана на тендер за организација на програмата за одбележувањето на независноста. Владата не открива колку дополнително чинела организацијата.

Државната лотарија во февруари 2026 година ѝ исплатила 1.850.610 денари на компанијата „СТАРДАСТ ДООЕЛ“, само два месеци пред таа да биде избрана на тендер за организација на манифестацијата по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста.
Како основач на компанијата се води името на Миа Милошевска, ќерка на Бобан Милошевски, сопственик на продукцијата „Авалон“. Компанијата на Милошевска се најде на списокот на компании кои добиле средства од буџетот преку донации и спонзорства од Државната лотарија.
ПорталиX ја контактираше Милошевска за да ја праша врз која основа ги добила средствата. Во телефонскиот разговор таа рече дека не е запознаена за какви пари станува збор и дека на прашањата ќе одговори писмено.
Иако поминаа два и пол месеци од објавувањето на материјалот со списоците на компаниите кои добиле средства преку спонзорствата и донациите на Државната лотарија, таа никогаш не одговори.
Во серијата прилози за спонзорствата и донациите од Државната лотарија, ПорталиX известуваше и за изборот на продукцијата „Авалон“, преку тендерска постапка, за организирање на програмата по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста.
Колку дополнителни средства ѝ биле исплатени на фирмата на Милошевска за организацијата на програмата за манифестацијата по повод 35-годишнината, не открива Владата.
Но, одговорот на ова прашање не го знаеше ниту таткото на сопственичката на „СТАРДАСТ“, Бобан Милошевски, кој пред два дена се појави на прес-конференција, а прашањето за парите го оцени како провокација.
Одговорот на прашањето што сите медиуми со месеци го поставуваат, сепак, изгледа дека го знаел само премиерот Христијан Мицкоски. Тој денеска во изјава за медиумите рече дека организацијата на програмата била направена од општествено одговорни компании без никаков надоместок.
„За сите што клеветеа и лиферуваа лажни информации имам лоша вест: Сите овие настани Буџетот и граѓаните ги чинат нула денари. Слободно можете да проверите на ‘Отворени финансии’ и ќе видите дека сѐ е ова нула денари. Сѐ е организирано од општествено одговорни компании, така што ми е жал што кај некои поединци функционира Фројд, кои мислат дека, онака како што тие работеле, работи и некој друг. Оваа Влада е одговорна и промакедонска, која се грижи за граѓаните“, изјави денеска Мицкоски од Штип, но не откри кои компании ги обезбедиле средствата и колку изнесуваат тие.
Од јавно достапните информации може да се види дека Милошевска ја основала компанијата „СТАРДАСТ ДООЕЛ СКОПЈЕ“ во 2021 година. Податоците покажуваат дека компанијата во одреден период имала и блокирана сметка, при што последната регистрирана блокада била во март 2025 година.
И покрај тоа, во 2025 година „СТАРДАСТ“ бележи значителен раст, односно приходи од околу 67 милиони денари.
ПорталиX пред два месеци објави долг список на компании и организации кои добиле милиони денари од буџетот на Државната лотарија преку донации и спонзорства. Меѓу корисниците на овие средства се појавија лица поврзани со владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, познати пејачи, приватни здравствени установи и маркетинг агенции.
ПорталиX ги контактираше сите субјекти за да провери за што конкретно ги добиле средствата од Лотаријата и како ги искористиле. Повеќето од нив одбија да одговорат.
За значителен дел од исплатите не успеавме да најдеме докази за конкретни активности реализирани на терен. Така, останува отворено прашањето каде завршиле милионите денари од Лотаријата и врз основа на кои критериуми биле доделувани.
Исплатите не се достапни и не можат да се најдат на „Отворени финансии“, бидејќи станува збор за договори склучени директно меѓу Државната лотарија и компаниите.






