Мицкоски не сака да биде секундант околу брзината на носење на законот за правична застапеност, смета дека треба да се прати во Венецијанската комисија

Изјавата на Касами за банкнотите да бидат и на албански јазик според премиерот не било барање, туку да потенцира дека кога ДУИ вели дека има целосна имплементација на двојазичноста, во суштина не ја говори вистината, односно е измамник и ги мами луѓето

Наспроти интенцијата на коалициските партнери од „Вреди“, најавениот предлог закон за правична застапеност со кој всушност ќе биде заменет укинатиот „балансер“ да биде донесен што е можно поскоро, претседателот на ВМРО ДПМНЕ и на македонската влада смета дека најважен е квалитетот на решението кое ќе биде донесено. Тој вели сугерира, откако ќе ја добие финалната верзија, решението да биде пратено на дополнителна експертска проверка.

„Во насока на брзање или небрзање на носење вакво законско решение, јас нема да бидам секундант, но тоа што го знам е дека новото законско решение мора да биде уставно и согласно препораките на Венецијанската комисија. Затоа е можеби подобро, пред да биде донесено во парламентот, да се испрати на мислење, за да не се доведуваме повторно во една ваква состојба. Ние не може да се претвараме во уставно-правни експерти бидејќи не сме, и не смееме да кажуваме како требало. Можеби откако ќе се искристализира и решението ќе биде на основа на предлог, да го пратиме на мислење во Венецијанската комисија, тие да кажат дали е во ред или не е, и тогаш да го донесеме, бидејќи тогаш ќе имаме уште ден механизам во таа катализација плус, кој што ќе биде на наша страна“ рече Мицкоски.

Тој истакна дека за прашањето на законот како замена на балансерот е разговарано во рамки на коалицијата и дека со оглед на Бадинтер како уставна категорија, мора да се најде законски механизам со кој што ќе се регулира правичната застапеност.

Законскиот „балансер“ оди на јавна расправа – нема да биде само етнички, туку ќе ги опфаќа сите маргинализирани во општеството, најави Таравари

Прашан за коментар за изјавата Билал Касами, претседател на коалициониот партнер Беса, во која тој навестува барање банкнотите да бидат и на албански јазик, премиерот Мицкоски се обиде да објасни дека не станува збор за барање, туку коментар за политиката на ДУИ.

„Изјавата на Касами не е во насока да имаме двојазични банкноти, туку да потенцира дека кога ДУИ вели дека има целосна имплементација на двојазичноста, во суштина не ја говори вистината, односно е измамник и ги мами луѓето. Тоа сакаше да каже. Повеќе е метафорично. Не е тоа барање, туку коментар на политиката на ДУИ“ рече Мицкоски.

Back to top button
Close