Мицкоски крие колку заработил од хидроцентралите и со кој „европски бизнис-крем“ тргувал струја од стотици милиони евра!

Премиерот Христијан Мицкоски јавно повикува надлежните органи да му го испитаат потеклото на имотот, но истовремено одбива да открие колку точно средства инвестирал, а колку заработил од малите хидроцентрали. Исто така, Мицкоски одбива да открие и кои се луѓето од, како што самиот вели, европскиот бизнис-крем со кој седел на маса, каде се склучувале зделки во делот на трговија со струја вредни стотици милиони евра. Воедно, тој не одговара на конкретното прашање дали соработувал со најмоќните регионални играчи, кога е во прашање бизнисот со трговија со струја – Војин Лазаревиќ и Вух Хамовиќ, пишува Фокус.

Додека премиерот Христијан Мицкоски јавно бара и настојува да се испита потекло на имот на функционери, па дури и самиот се нуди од него да почне овој процес, истовремено се обидува да ја убеди јавноста дека целокупниот имот транспарентно го пријавил пред антикорупционерите, а за сите приходи уредно платил данок во УЈП. Во таа насока, покрај вредната куќа во Скопје, тој пријавил и 2 релативно скапи рачни часовници, кои го привлекоа вниманието на јавноста.

Паралелно со тоа, Мицкоски раскажува дека заработил пари од инвестицијата во мали хидроцентрали, како и од зделки при трговија со електрична енергија, кои, според негови кажувања, биле во вредност од стотици милиони евра. Ако неговиот ангажман во изградбата на мали хидроцентрали е отприлика позната и апсолвирана тема, иако и тука има низа прашалници, голема енигма се неговите активности во делот на трговија со струја.

–Точно е дека купив барака за 80.000 евра, која ја урнав и ја изградив куќата каде што живееме со нашето семејство. И вредноста на таа семејна куќа е таа пријавена во анкетниот лист. Точно е дека само со професорска плата не би можел да направам таков дом. Но, заедно со мојот партнер изградивме неколку мали хидроцентрали од неколку десетици милиони евра, од што заработив. Точно е и дека, работејќи за неколку мултинационални компании од регионот и од Европа учествував во зделки каде што се тргуваше електрична енергија од неколку стотици милиони евра. И заработив, за тоа сум си платил данок…

Не се срамам што сум се борел, не сум седел на страна, не сум очајувал и не сум критикувал, туку сум сфатил дека животот е таков и дека е суров и дека животот не се социјалните медиуми, приказните, туку една голема борба и сум влегол во таа борба. Сум почнал со собирање пикавци и метење, па сѐ до моменти кога сум седел со европскиот бизнис-крем на маса, каде што се заклучувале договори од неколку стотици милиони евра. И тоа искуство денес ми помага во политичкиот живот, зашто знам како тие луѓе размислуваат кога ќе дојдат кај мене – рече Мицкоски во „Лазаров поткаст“.

Имено, премиерот и лидер на ВМРО-ДППМНЕ сака да каже дека преку ангажманот во приватниот сектор, каде што бил присутен преку мали хидроцентрали, а учествувал и во милионски операции со трговија со струја, заработил значителни средства. Впрочем, на тој начин објаснува како изградил куќа во Влае од 343 квадрати вредна 27 милиони денари, како стекнал часовници од 3 милиони денари, уметнички слики од над 600 илјади денари…

повеќе

Back to top button
Close