Доделување на државната награда „23 Октомври“

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.

Годинава, добитник на наградата „23 Октомври“ е поетот Славе Ѓорѓо Димоски за остварување во областа на културата и уметноста.

Наградата ќе му биде врачена на добитникот во 12 часот.

Славе Ѓорѓо Димоски (поет, есеист, преведувач) е роден на 18 март 1959 година во охридското село Велестово. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководтиел на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“.

Автор е на книгите поезија „Гравири“, 1979, „Проект“, 1982, „Студен порив“, 1985, „Последните ракописи“, 1988, „Спореден пат„, 1991, „Предмети и аргументи“, 1994, „Форми на страста“, 1998, „Форми на страста / Forms of passion“, „Macedonia Prima“, 1999, „Темно место“, 1999, „Мерач на зборовите“, 2007, „Хаику на разгледници“, 2015, „Јазичен триптихон“, 2015, „Кумова слама“, 2018, „Јазик и леб“, како и книгата „Поезија/Ткаења“ од 2014 година во која е објавена неговата целокупна поезија пишувана од 1979 до 2014 година.

Објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Дваесет книги му се преведени на странски јазици, а поединечни песни и поетски циклуси се преведени на над триесет и пет јазици, меѓу кои англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски италијански, грузиски, ерменски, монголски.

Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, а меѓу нив „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, Гран при интернационал (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и др. Двапати е добитник на највисокото охридско признание „Св. Климент – Патрон на Охрид (2000 и 2012 г.)

Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.

Back to top button
Close