СДСМ: Дурмиши очигледно не бил во маркет, граѓаните од мерката на Владата заштедија само 57 денари

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши очигледно не бил во маркет и не видел дека најголем дел од цените на производите останаа исти за време на владината мерка за ограничување на трговските маржи, се вели во реакцијата од опозицискиот СДСМ по денешната прес-конференција на министерот.

Седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија / Фото: Архива

Наспроти пресметките што денеска ги сподели министерот, дека со намалените маржи од т.н. есенска кошничка едно семејство заштедило од 690 до 1 360 денари, од СДСМ велат дека заштедата била симболична и изнесувала само 57 денари за еден месец.

„Единствено што почувствуваат граѓаните е разочарување. Симболични 57 денари, ете толку била заштедата на граѓаните за еден месец. Дурмиши очигледно не бил во маркет, не ги видел цените дека нема намалување и дека најголемиот дел од производите останаа со исти цени.  Тоа што само за неколку производи се намалија цените со незначителни суми е најголема потврда за неефикасната мерка, која беше лошо осмислена и им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред таа да стапи на сила“,се наведува во реакцијата на СДСМ.

Од опозициската партија најавуваат дека ќе поднесат закон што ќе донесе вистинско намалување на цените бидејќи, како што велат, власта не планира да преземе конкретни и реални мерки.

Инаку, по есенската, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска најави дека во следниот период ќе има и божиќна, рамазанска и велигденска кошничка. Кошничките, како што рече, ќе имаат различен состав на производи, во зависност што се троши најмногу во конкретниот период, во договор со производителите и трговците.

За разлика од есенската кошничка, која траеше околу месец и половина, празничните кошнички што ги најавува министерот, а треба да ги намалат цените на производите, ќе траат од 15 до максимум 30 дена.

Министерот изрази очекување дека од почетокот на месецов ќе има дополнително намалување на цените на производите откако започна примената на Законот за нефер трговски практики.

Тој очекува дека нема да има зголемување на цените од страна на трговците, откако мерката за замрзнување на маржите престана да важи од денеска. Доколку се случи спротивното и дојде до, како што кажа, дивеење на цените без никаква основа, тогаш Министерството за економија и труд ќе ги преземе сите мерки што ги има на располагање со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

Back to top button
Close