САД/Избори: Загриженост поради одбиени гласачки ливчиња во Невада, пренесуваат американски медиуми
Државниот секретар на Невада Франциско Агилер изрази загриженост во однос на бројот на одбиени гласачки ливчиња поради несовпаѓање на потписите во округите Кларк и Вашо, пренесуваат американските медиуми.
Потписот на ковертот од гласачкото ливче кое е испратено по пошта се споредува со потписот во базата на податоци за гласачи. Доколку има несовпаѓање, гласачот мора да го потврди потписот за да се прифати ливчето.
Според „Њујорк Тајмс“, повеќе од 11.300 ливчиња во округот Кларк и повеќе од 1.800 во округот Вашо се идентификувани како ливчиња кои треба да бидат потврдени.
Си-Ен-Ен известува дека државниот секретар Агилер испраќал пораки до гласачите кои треба да ги потврдат своите потписи пред нивните ливчиња да бидат изброени.
И двата медиуми посочуваат дека има тренд кај младите гласачи кои имаат потписи што не се совпаѓаат.
Крајниот рок за овој процес е 12 ноември.