За Бујар Османи изјавата на Курти за албанскиот јазик е скандалозна и штетна, Таравари вели дека косовскиот премиер бил коректен

Од друга страна, пак, министерот за здравство Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, во гостување на косовската телевизија Коха, изјавата на Курти ја оцени како коректна, додавајќи дека стратешка грешка е што досега не била отстранета формулацијата 20 проценти во Уставот, за што го обвини лидерот на ДУИ

Фотоколаж: „360 степени“

Претставници и функционери на партиите и коалициите на Албанците од власта и опозицијата во земјава со дијаметрално спротивставени наративи ја коментираат и оценуваат вчерашната изјава на косовскиот премиер Албин Курти во врска со претстојната одлука на Уставниот суд на Северна Македонија за Законот за јазиците “

Курти на прес-конференцијата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Приштина, каде што вчера владите на двете земји одржаа заедничка седница, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во С Македонија, рече дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд, кој, според косовскиот премиер, нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.

„Ова прашање е на Уставниот суд во С Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени“,рече Курти.

Изјавата на косовскиот премиер наиде на остра критика од потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи. Тој во гостување на косовската телевизија Дукаѓини рече дека таа била скандалозна и охрабрувачка за оние кои сакаат да го доведат во прашање Охридскиот рамковен договор.

„Изјавата на Курти за јазиците беше скандалозна, многу штетна и охрабрувачка за сите оние кои сакаат да го уништат Охридскиот договор, особено неговата поента, албанскиот јазик. Последново е едно од прашањата регулирани со измената на Уставот по Охридскиот договор во 2001 година. 15 години не можеме да најдеме правилен компромис за негово правилно толкување во Охридскиот договор. Македонската страна смета дека Охридскиот договор го предвидува албанскиот јазик само во општините каде Албанците се над 20 отсто. Од наша страна албанскиот јазик на сите нивоа на државата е еднаков со македонскиот јазик. По 15 години го постигнавме тоа. Законот за употреба на јазиците, во член 1, вели дека службен јазик во државата е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Исто така, јазикот што го зборуваат над 20 отсто (албанскиот) е официјален јазик“вели Османи.

Ексминистерот за надворешни работи во претходната влада на СДСМ и ДУИ, ја критикуваше и самата средба на двете влади, на која, според него, била легитимирана антиалбанската политика што преовладува во Северна Македонија во последните четири месеци.

„Мислев дека оваа заедничка средба ќе биде искористена за да се испрати порака до владата на Северна Македонија дека и Косово е заинтересирано да не се деградира позицијата на Албанците во РС Македонија, бидејќи функционалноста на мултиетничката демократија е основа за стабилна и просперитетна Македонија. Ваква порака не слушнавме“кажа Османи.

Вчеравечер и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средба со граѓани и поддржувачи на ДУИ во скопски Бутел упати порака до сите политички фактори, во и надвор од државата, дека албанскиот јазик во Северна Македонија е официјален и ќе го бранат со целото свое битие.

„Охридскиот договор е постигнат со маченичка крв и оживеан од најдобрите борци на ОВК кои го продолжија својот идеал во ДУИ. Додека е ДУИ жива, во опозиција или на позиција, нема да дозволиме да бидат допрени темелите на Охридскиот договор“,рекол Ахмети, се наведува во соопштението на партијата на Фесјбук.

Back to top button
Close