За службеноста на албанскиот (и турскиот) јазик низ нејугословенска призма
За службеноста на албанскиот (и турскиот) јазик низ нејугословенска призма
Употребата на јазиците не е новост во историскиот развој на нашата уставност и тоа не е партиско прашање.
За почеток, да се согласиме со констатацијата на Мицкоски од Приштина дека (парафразирано) „политичари без понуда отвораат етнички теми“.
Со неа потврди дека ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за „јазична федерализација“ паралелно со „бугарски диктат“ – за југословенско Скопје да ја одржи нарацијата на спротивставеност на македонскиот народ со Албанците и Бугарите, кога веќе не можеше да ја одржи кон Грците.
Членот 173 став 3 од Уставот на СРМ од 1974 гласи: „На секого му е загарантирано правото во постапката пред судот или пред другите државни органи, организациите и заедниците што во вршењето на јавни овластувања решаваат за правата и обврските на работните луѓе да го употребува својот јазик и во таа постапка да се запознава со фактите на својот јазик“.
Ова право е дерогирано со Амандманот XLIII на Уставот на Социјалистичка Република Македонија (СРМ), заедно со бришењето на албанската и турската народност со Амандманот LVI.
Во паралелен процес со „Газиместанскиот поход“ на Милошевиќ и укинувањето на автономијата на Косово – за да ја врати македонската политичка мисла и нарација во Ранковиќевата матрица на СФРЈ до 1966 и колишевизмот како негова продолжена рака во СРМ.
Ова го објаснува тековното славење на „ликот и делото“ на Колишевски од страна на ВМРО-ДПМНЕ како нејзин доктринарен проект.
Уфрлањето на „јазичното прашање“ во јавниот дискурс во СРМ е обидот за утилитаризирање на македонскиот идентитет низ конфронтација со идентитетот на немакедонците во координација со југословенски Белград.
Замислата е проекција кон (нас) Македонците дека државата е „помакедонска“ одошто пред донесувањето на уставните амандмани и дека како таква може да постои само во југословенската (читај: српската) сфера.
Оваа операција во 1987=89 доведе Уставот од 1991 (заснован на истите премиси) да стане вовед во 2001.
Затоа сега гласно се премолчува дека албанскиот јазик е во службен капацитет уште со Рамковниот договор и уставните амандмани кои го преточуваат во постконфликтната формулација „јазик што го говорат најмалку 20% од граѓаните…“
Нејугословенско-македонската политичка мисла денес треба да објасни колку враќањето на укинатите права од 1974 кон албанскиот (и кон турскиот) јазик значи сопствено ополномоштување на Македонците – капацитетни да (ги) гарантираат (јазичните) права и рамноправноста на сите.
Впрочем македонскиот јазик е неспорна lingua franca во СРМ токму кога правото на употреба на другите јазици е уставно гарантирано. И со желба и како дневна потреба на сите, а не како наметната обврска – затоа што почитта произлегува од дневниот (со)живот, а не од книга и закон.
Силата на Македонците е во подготвеноста да ја гарантираат својата и рамноправноста на своите сограѓани кои, впрочем, не ни ја спореле етничката посебност и идентитет – и за тоа историски имаме уставна пракса.
Обвинете ме за национализам, но јас верувам дека Македонците имаат и таква сила и таква должност: Затоа што не се плашиме од еднаквоста и рамноправноста – етничка, јазична, културолошка, општествена. Слободата, еднаквоста и рамноправноста ни се историски стремеж, впрочем.
Ова сознание ги плаши само политичките елити врзани на краток кабел на Белград, затоа што во моментот кога Македонците се самоополномоштувале и својот просперитет, развој и рамноправност како народ го поврзувале со просперитетот, развојот и рамноправноста на сите во државата – земјата одела напред.
И обратно, кога (Северна) Македонија била доведувана во позиција на „подизведувач“ на СРЈ/Србија – и земјата и македонскиот народ биле загрозувани од домашните политички и бизнис-финансиски врвови, правопропорционално на степенот на нивна југо-советска и бизнис-тајкунска припадност.
Споредно, но илустративно: Во согледувањето на сопствениот ризик по овие параметри треба да се бара покровителството на владиниот состав на Северна Македонија во изборот на новиот заменик на генералниот секретар на НАТО. Западните амбасади во Скопје сепак одлично го познаваат теренот.
Разбирлива е нелагодноста на ВЛЕН по ова прашање: сите нејзини партии беа во состав на владите на СДСМ и ДУИ во носењето на Законот за јазиците и тие ќе објаснат кога биле во право: тогаш кога го славеа законот при донесувањето или сега, кога им е „спорен“. Не би им додавал „сол на рана“.
Но особено треба да се следи како „инфлуенсерите“ и „аналитичарите“ од Белата палата и нејзината коалиција се потпираат на два основни столба вградени во Пи-аР-от на власта:
– дека следната американска надворешна политика ќе се темели на територијални решенија на етничките прашања од Украина до Балканот и
– дека на неа треба да се гради идејата за федерализација на Северна Македонија, овој пат по барање на Македонците – како „мелодија за уши“ на Русија.
Основата за тоа е во спротивставувањето на ВМРО-ДПМНЕ на нацијата на Северна Македонија:
– како нација на заедништвото на македонскиот и сите останати народи во земјата низ уважување на различностите, вклучително јазичните и
– низ спротивставување на државата / на нацијата на Северна Македонија како раскрсница на коридорите 10 и 8, кои ја поврзуваат Средна Европа со Егејот и Јадранот со Црното море.
А токму спротивставувањето на концептот на нацијата на Северна Македонија во која македонскиот народ е конститутивен и рамноправен – е „проверен“ рецепт како (Северна) Македонија да биде само територија но не и држава, а Македонците само територијален но не и етнички идентитет.
Впрочем ова не е новитет во историските движења и догмата на „Организацијата“, на чие наследство до денес пледира ВМРО-ДПМНЕ.
И ова не е прашање на политичарите од Косово или Албанија, туку на политичарите во Северна Македонија.
Ивон Величковски