Конституирана новата Комисија за помилување – ќе ја води поранешната врховна судијка Милка Ристова

Новата Комисија за помилување денеска ја одржа конститутивната седница, а за нејзина претседателка е именувана д-р Милка Ристова, пензионирана врховна судијка, информираат од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Членови на комисијата се проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.

„На првата седница на новиот состав на Комисијата за помилување присуствуваше претседателката Сиљановска-Давкова, која на членовите на Комисијата им посака успешна работа, изразувајќи уверување дека Комисијата со својата работа, почитувајќи ги принципите за транспарентност и отчетност, праведност и еднаквост, хуманост и разбирање, ќе придонесе за јакнење на институционалната доверба, а одлуките ќе бидат пример за почитување на демократските вредности“се наведува во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Претседателката, истакнувајќи ги своите заложби за владеење на правото и почитување на човековите права, ја нагласила важноста на институтот помилување и потребата целата постапка да не биде предмет на дневнополитички препукувања.

„Таа изрази очекување дека сите одлуки на Комисијата ќе бидат во согласност со јавниот интерес и општествените вредности, а секој случај ќе се разгледува со најголема професионалност, во рамки на законски утврдена постапка“,се додава во соопштението.

Комисијата за помилување е дел од телата на претседателката, која по предлог на Министерството за правда, одлучува кои затвореници и какво помилување ќе добијат со правосилни пресуди.

Претседателката Сиљановска-Давкова во неодамнешно интервју на МРТ рече дека е важно, со оглед на тоа што доаѓа Нова година кога има помилувања, Комисијата да се состане и да ги свика членовите на претходните состави за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози.

„Исто така, претседателката на Комисијата да свика една расправа, знаете дека беше изработена работна верзија на Закон за помилување. Нашиот Закон за помилување сега е многу дефектен, после промените, значи укинувањето на одредби од Уставниот суд, навистина, нам ни треба еден закон компатибилен со европските и мислам дека тогаш Комисијата ќе може да го преземе товарот на одлучувањето“,рече Сиљановска-Давкова.

За два-три дена ќе се конституира новата Комисија за помилување, најави Сиљановска-Давкова и откри дел од имињата кои прифатиле да бидат членови

Одлуките за помилување на осуденици, шефот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.

Претходниот состав на Комисијата, која беше конституирана кон крајот на јули, си поднесе колективна оставка, откако дел од помилувањата објавени за Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври предизвикаа реакции во јавноста, а дел од медиумите тогаш јавија дека едно од помилуваните лица е член на наркокартелот Барон.

Одлуката за колективната оставка ја соопшти професорот на Правниот факултет и член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев на својот фејсбук-профил каде вели дека одлуката ја донеле во согласност со личните и професионални принципи.

Сите членови на Комисијата за помилување поднесоа оставки

Најмногу негодувања во јавноста имаше за името на Акиф Равманоски, кој се најде на листата на помилуваните, а кој е познат и како член на наркокланот Барон. Два дена по помилувањата, на излегување од затвор, Равманоски беше повторно уапсен, а членовите на Комисијата беа повикани на состанок кај претседателката.

 

Back to top button
Close