Книгата „ТИТО – вечниот партизан“ од 29 ноември во Или-Или
Македонскиот превод на книгата „Тито: вечниот партизан“, дело на реномираната германска историчарка Мари-Жанин Чалиќ. Книгата ќе биде достапен од 29 ноември, симболично, на Денот на Републиката на поранешната Југославија.
Преводот од германски е на Ксенија Чочкова и е поддржан од фондацијата Традуки.
Оваа биографија на Јосип Броз Тито нуди длабок истражувачки и сеопфатен увид во животот на една од највлијателните фигури на 20. век на Балканот и пошироко. Чалиќ мајсторски ја претставува сложената историска позадина и политичките предизвици со кои се соочувал Тито, давајќи уникатен поглед на неговата улога како партизан, државник и лидер на Движењето на неврзаните.
Со дистанца од 40 години, германската историчарка Мари-Жанин Чалиќ на околу 400 страници пишува за комплексниот но и многу флексибилен политички лик. типичен производ на ерата на крајностите, што Тито лично ја доживеал и во чиешто обликување учествувал.
Пред својата смрт Тито важел за меѓународно признат државник. Денес многумина го сметаат за брутален диктатор. Но, што бил тој навистина? Мари-Жанин Чалиќ ја открива историската личност зад легендите и ја раскажува приказната за еден авантуристички живот што го отсликува подемот и падот на Југославија.
Од критиките:
„Мари-Жанин Чалиќ раскажува со големо знаење и со стил кој Ве повикува да продолжите да читате, страница по страница.“(Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, Михаел Мартенс)
„Историјата раскажана на достапен и живописен начин е белег на историчарката, која веќе има напишано две стандардни дела за подобро разбирање на мултиетничкиот лавиринт: „Историјата на Југославија во 20 век“ (2010) и „Југоисточна Европа. Светската историја на еден регион“ (2016).“(Тагеблат, Томас Розер)
„Мари-Жанин Чалиќ успеала да создаде добра и, пред сè, многу читлива биографија. Авторката не само што самоуверено продира, го совладува, уредува и презентира обемниот материјал, туку читателска публика овде има можност да дознае за нови важни аспекти од современата историја.“(Годишници за историјата на Источна Европа, Клаус Бухенау)
За авторката:
Мари-Жанин Чалиќ е професорка по историја на Источна и Југоисточна Европа на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен. Работела како политички советник на специјалниот координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа во Брисел, како и во седиштето на УНПРОФОР во Загреб и во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг. Нејзините публикации ги вклучуваат, меѓу другото, монографиите „Југоисточна Европа. Светската историја на еден регион“ и „Историја на Југославија во 20 век“. Мари-Жанин Чалиќ редовно пишува и говори во медиумите на теми поврзани со историјата и политиката на балканските земји.