Анализа: ТОП 5 највисоки и ТОП 5 најниски плати на буџетските корисници во 2025 година

Ставката плати и надоместоци во 2025 година ќе се зголеми за 8,1 насто, или за над 64 милиони евра, достигнувајќи 782,6 милиони евра. Дополнително, пари за плати се издвојуваат и преку блок-дотации. Во Предлог-буџетот за 2025 година може да се видат просечните бруто-плати на сите институции кои се корисници на овие пари. Порталот Пари направи анализа на тие податоци во која разгледува каде просечните плати се највисоки, а каде се најниски. За да бидат износите поблиски до народот, платите ќе ги сведеме од бруто-износ на нето-износ.

На првото место по плати е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Таму има 63 вработени, а просечната бруто-плата е 161.533 денари, односно во нето-износ, без данок и придонеси, на сметката на вработените во просек ќе легнат по 105.628 денари месечно.

На второ место е Совет на јавни обвинители. Таму има 16 вработени коишто може да се пофалат со просечна бруто-плата од 147.703 денари, или во нето-износ по 96.665 денари.

„Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија е самостоен државен орган што се стреми кон пополнување на празните јавнообвинителски места, одлучува за одговорноста во постапувањето на јавните обвинители и за нивно разрешување (…), унапредување на информатичко-комуникациските технологии и обезбедување интероперабилност меѓу Советот и јавните обвинителства, комплетно техничко опремување и интеграција на информатичките системи со замена на старата инфраструктура со нова и нејзина имплементација”, пишува во Предлог-буџетот за 2025 година.

На трето место е Влада на РСМ. Таму има 359 вработени, со просечни плати од бруто-износ по 137.226 денари, односно просекот што им легнува секој месец на сметка во нето-износ е 89.877 денари.

Според описот во Предлог-буџетот еве што работат таму вработените: „Владата на Република Северна Македонија ја утврдува развојната и економската политика на земјата, му предлага мерки на Собранието и утврдува политики за извршување на законите и другите прописи и го следи нивното извршување, го координира процесот на стратешкото планирање на централно ниво и неговото усогласување со буџетскиот циклус, и врши други работи утврдени со закон”.

Четвртото место по висина на платите го освои Собранието. Таму има 431 вработен, во кои се и пратениците. Просечната бруто-плата е 134.078 денари, односно нето-просекот по вработен во 2025 година ќе биде 88.350 денари.

На петто место е Министерството за надворешни работи и надворешна трговија каде што работат 438 вработени заедно со вработените во странските амбасади и конзуларни претставништва. Тие во просек земаат по 130.654 денари во бруто-износ, односно по 85.618 денари во нето-износ.

 

ТОП 5 буџетски корисници по највисоки нето-плати во 2025 година

Но, немаат среќа да земаат вакви солидни плати сите буџетски корисници. Затоа, Пари анализира и кои 5 буџетски корисници се на опашката по просечни плати.

 

Во Управата за водење матични книги има 369 вработени, а таму просечната бруто-плата во 2025 година ќе биде 50.809 денари. Со нето-износ на просечна плата од 33.878 денари, оваа институција е на последно место по плата од корисниците на централниот буџет.

„Матичната евиденција претставува витална компонента во секое општество, а од неа се црпат сите податоци битни за општествениот, социјалниот и економскиот развој на земјата. Основна надлежност на Управата за водење на матичните книги, согласно со овој закон, е водење на матичните книги на родени, венчани и умрени, нивна заштита и чување, издавање изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги”, објаснето е во Предлог-буџетот.

На претпоследното место е Министерството за односи меѓу заедниците, со 290 вработени и просечна бруто-плата од 51.196 денари, односно во нето-износ 34.129 денари.

Едно од најбројните министерства, Министерството за социјална политика, демографија и млади, има 1.868 вработени со просечна бруто-плата од 53.684 денари, или во нето-износ 35.742 денари.

Во Државниот архив планираната бројка за наредната година е 266 работници. Тие ќе земаат просечна-бруто-плата по 54.237 денари, или без давачки, нето-износот е 36.099 денари.

Една подобра позиција во рангирањето на платите од дното кон врвот има Агенцијата за вработување. Таму бројот на вработени е 447, со просечна бруто-плата од 55.308 денари, или во нето-износ 36.793 денари.

 

ТОП 5 буџетски корисници по најниски нето-плати во 2025 година

Целата анализа на следниот линк

Back to top button
Close