Полските служби приведоа тинејџер осомничен за планирање масовен напад

Полските разузнавачки служби приведоа 17-годишник осомничен за планирање терористички напад врз училиште или џамија, во рамките на истрагата за група млади лица активни во неонацистички и екстремистички групи на интернет, соопшти денеска обвинителството.
Анализата на уредите за складирање податоци на осомничениот го открила наводниот план, чија цел била да предизвика „смрт на многу луѓе“, изјави портпаролот на обвинителството.
Министерот за правда Валдемар Журек на платформата Икс напиша дека при претресот во домот на тинејџерот биле пронајдени оружје, експлозиви и предмети со нацистички симболи.
Според обвинителството, податоците запленети во операцијата покажале дека младиот човек ги набљудувал потенцијалните цели. Тој, исто така, наводно комуницирал со други лица за извршување напади и за набавка на огнено оружје, муниција и воена опрема, како и за употреба на гранати и молотови коктели.
На тинејџерот му е одреден тримесечен притвор.
Полската Агенција за внатрешна безбедност (ABW) соопшти дека ова е трето приведување во рамките на истрагата за групата млади луѓе. Агенцијата во петокот соопшти дека претходно биле приведени двајца 16-годишници од неонацистичката сцена.






