Скокање без падобран

Не можете да контролирате сè што ви се случува aма можете да контролирате како ќе реагирате на она што ви се случува – вели еден познат филозоф.

Мора да признам дека никогаш порано не сум видел толкава масовност и еуфорија при слава на Денот на знамето! Не верувам дека постои таква албанска политичка партија што може тоа да го организира во такви размери! Има нешто друго што на сите политички партии им покажува дека е посилна од нив. А и поумна! Тоа е силата на духот кога си соочен со неправда. А водачите на политичките партии се заробени пред нивните огледалчиња прашувајќи дали има некој што е поумен од нив! И се чудат кога ќе слушнат – „секој втор од маалото“! Реално, и не е можно да постојат здрави луѓе при болно општество.

Масовноста во прославата сепак е некаков излив на некакво масовно незадоволство од многуте состојби во државата, што ги тангира нивните животи. Токму тие млади со години имале разбирање за чувствата на нивните сограѓани Македонци, и трпеле сè до тој момент кога сфатија дека некој сака да ги претвори во објект на понижување и газење по нивна иднина. Силување на интелигенција е да велите дека „ќе бараме гаранции“ дека во иднина никој нема да нè блокира! Новата еврокомесакра возврати дека „тоа никој не може да го даде“. Оттука, мора некој тука да си носи маска за го покрие лицето. Или пак има некоја друга визија, која не се вика ЕУ. Чудно е што нашата власт е искарана со сите соседи освен со северниот, а се гледа дека рутата со полни едра води кон сè посеверно!

Но, тука има уште нешто што не знаеме. Реално, во изминативе десетина години прославата на празникот на знамето било сведено на мали симболични манифестации, без масовна еуфорија. Тоа никого не иритирало, напротив имало и јавни честитки по социјални мрежи од бројни сограѓани Македонци. Но, ова година славата стаса до ептен голема масовност, ама очигледно без намера да иритира некого, но сепак да пренесе нешто. Дека власта е прочитана како буквар. Дека им е доста од заробеноста од нивните повеќедецениски игри, час името, час идентитетот, час уставот, час историјата, час балансерот, час јазикот…

Некои медиуми таа манифестацина ја прикажаа како „дивеење на национализмот“, што е надвор од секоја основна логика, кога само сосема симболична бројка млади и деца прекршуваа некаков ред. Да се потсетиме дека власта со месеци беше слепа и глувонема при чести масовни извици по разни собири – „гасни комори за Шиптарите“! Реално, семето на етничко труење беше фрлено од самото водство на ДПМНЕ, пред и за време на предизборната кампања, без да се прави јасна дистинкција меѓу партија и нација. Лесно е да трубите против туѓите национализми, ама е погубно да мижите пред сопствениот национализам. Тоа е ептен опасна работа. А забораваме дека ако куваме отров, првин самите ќе се отруеме. Нели се сеќаваме добро во блиското минато како знамињата биле врзани еден со друг, а сега се води војна меѓу знамињата. Оти со месеци тука се кувал отров. Со месеци се труевме. А не сфаќаме дека одмаздата ја погребува правдата. Со едни новинарски анализиа за знамињата нешто не е во ред. Не видов ниту еден текст објективно да ги анализира причините, туку само асоциалниот дел на кинењето знаме, и тоа само кај едната страна!

 

Колатерална штета!

Младите се колатерална жртва на постарите. Бројни од нив се далеку по интелект од тие што ги претставуваат. Нивен основен проблем што го храни нивното незадоволтво е недостатокот на систем од вредности (мерит-систем), според кој секој ќе го добие тоа што го заслужува. Дека никој друг нема да му биде патрон освен правната норма. Партизацијата и мајоризацијата се рак-рана за секое општество од кои задолжително се умира. Ние сме јасен пример за тоа. Умирачката не мора да биде физичка. Нели ние бевме втора меѓу 16 држави од источна Европа по падот на претходниот систем, а сега сме во самото дно. Дури докажуваме дека и под дното има уште едно длабоко дно резервирано само за нас. И Косово веќе нè надмина, а Албанија веќе прави ептен консолидиран систем.

Авторот на овај текст, подолг период укажа дека националистичките настапи од партиски врвови во услови на недостаток на елементарни вредности ќе вроди со опасни девијации и поделби. А кобна грешка ќе се прави ако тие деца и млади се репресираат со брза и тешка казнивост, оти вината за постојните состојби не е кај нив туку кај системот и кај властите. Кога за тие што проневериле тешки милиони и милјарди (а сега и државата целосно е нивна) нема сериозна казнивост туку мајтапење со правото, со кој морал ќе се казнат тие деца кои и така се жртви на до срж расипан систем ?! Рака на срце, од стотина илјади славеници, за чудо инцидентите беа ептен симболични. Па и по свадби од стотина гости често избива некоја кавга. Па тие се деца на ова болно општество, дури се многу попаметни отколку што општеството заслужува.

Но, ајде подетално да ги третираме изминатите месеци и години. Првин да анализираме на што наликувал предизборната кампања (а и пред тоа) на водството на ДПМНЕ?! Цело време се сееше параноја и омраза што еден Албанец како министер за надворешни работи ќе решавал едно чувствителни прашања, па погрдно го нарекувале Бугар Османи! Потоа со месеци се трубело дека Албанците ич не ги интересира македонскиот идентитет! Иако тоа воопшто не било така, оти сепак при услови на блокада на евроинтеграциите, Албанците покажаа голема солидарност кон своите сонародници. Тие имале разбирање кон македонските колективни емоции, иако рака на срце многу се претерувал со некакви чудни лелекања. Слични проблеми имаат многу нации низ светот, ама тоа е работа за историчари.

Најголемо иритирање кај албанското население се случи за време на предизборната кампање на ДПМНЕ. „Државата ни е киднапирана, треба да ја вратиме !“; „Станавме кираџии во своја куќа !“ ; „Да го вратиме изгазеното достинство !“ И ред други отровни слогани што воопшто немале никаков додир со вистината. По формирањето на владата се има создадено лоша психоза кај вработените Албанци. Ги притискале да не го користат својот јазик во предметите. Велат дека не се почитувало ниту хиерархија ниту знаење, туку само дрскоста! Претходно веќе било форсирана лагата дека Албанците ја водат државата. Ај да бидеме искрени па да направиме анализа колку странски инвестиции има по одделни Технолошки-индустриски развојни зони (ТИРЗ). Податоците покажуваат фрапантна разлика. Тие апсолутно доминираат во источниот дел од државта, а етничките диспропорции во вработувањата се катастрофални. Само околу 2.4 проценти Албанци се вработени во тие компании!!! Слободната зона во Тетово е празна! И сега, кој ја имал реалната власт што токму така се има случено?! А сегашните од ВЛЕН немат храброст ниту да прашуваат. Ај нека каже владата каде ќе инвестираат тие компани кои сегашниот премиер веќе ги најави! Па да видиме колку сме искрени. Младите сите овие работи многу подобро ги знаат.

Се сеќаваме ли како на националистички барабан беа ставени и сообраќајните коридори за пак истите да се прифаќаат поради „виша сила“. А токму тие се од витален интерес за развојот на државата. Тие се крвни садови за државата. Малку фалел државата да се претвори во блаканско слепо црево. Србија интензивно работи да ни го земе Коридорот-8 (делот кон Драч), а Бугарија нашиот дел од Коридорот-10 (пругата Софија – Солун). Тоа веќе го признал и самиот актуелен министер за транспорт и врски.

 

Имаме ли воопшто иднина?!

Компетентни неутрални стручни и научни анализи (кои за среќа не се од тука) покажуваат дека државата има солидни ресурси, ама поради незнаење и непрофесионално работење, државата ни се движи кон исчезнување. Празнењето на државата е во полн ек. Едни сакајќи да докажуваат што биле пред илјадници години, ризикуваат да исчезнат во сегашноста. Експертите велат дека во наредните 50 години со ваков тренд на иселување, државата ќе има само околу 400 илјада жители. Не џабе Абрахам Линколн кажал – „Не знам што бил мојот дедо, ама повеќе сум загрижен што ќе биде со мојот внук“. Проблемот со името ќе бил решен многу безболно со одговорни политичари. Членка на ЕУ ќе бевме од 2004 година, ама тогашниот „безбожен Папа“ што прокоцкал огромен пштествен капитал, создаде еден слој незаслужени богаташи. Со помош на марксистите бил зграпчен целиот капитал, за потоа да се развие културата на криминал, пред која сега сите сме заробени. Сега тука мега-криминалците имаат сè освен име и презиме.

Изгледа тој „Папа“ во 2005 година нареди фракција во СДСМ која подоцна се приклучи кон владата на Груевски, од инает на тогашниот премиер. Поради тоа загубивме дополнителни 15 години. И ете пак лани со еден „ЗНАМ“ ни се случи истото и кој знае уште колку ќе загубиме и кај ќе стасаме! Никој веќе не знае што тука може да се случи! Тоа оти новите лидери на СДСМ не практикувале „баци-рака“ кај „Папата“! И сега кој знае ушто колку долго ќе останеме заробени на вакви споредни и ‘рѓосани шини и колосеци! Се виде дека атеистите знаат најдобро како се станува лажен Бог.

На владата не и личи да занимава со казнувања поради знамињата, туку со развојни проекти. Државата е пред економски колапс. Фрапантно е како тоа да околу 60 отсто од земјиштето на Полог воопшто не се обработува, а таквата нерсеќа брзо се проширува и кон сите други полиња во државата. Македонија денес годишно увезува над милјарда евра прехрамбени производи, а своевремено освен своите потреби таа снабдувала околу 20 отсто од тогашниот југословенски парзар со земјоделски производи. Исто така, тука имаме идеални услови за планински и рурален туризам, ама фали ум, морал и ред. А и немаме време за тоа оти се занимаваме со историја, со географија, со фантазија, со знамиња. Aвстрија лани има остварено 58,7 милјарди евра (2.561 евра по жител) од туризмот, иако нема море! Тоа е повеќе отколку една многу поголема Италија (која има остварено околу 43 милијарди), иако скоро целата е опкруженa со море! Потребен е сериозен интегрален проект за целата држава, ако сакаме да го спасиме тоа што преостана од нас. Сменивме многу политичари и пак ништо. Изгледа ќе треба да смениме цел народ.

Мерсел Биљали

Back to top button
Close