Јаневска: Случајот на Филозофскиот факултет при УКИМ и уште еден на Славјанскиот универзитет се пријавени во Јавното обвинителство

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека случајот на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“- Скопје и уште еден случај на Славјанскиот универзитет се пријавени во Јавното обвинителство.
– На Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“- Скопје поништуваме осум дипломи на веќе поништени осум уписи и денеска тоа ќе излезе во весниците и на веб страницата на Министерството за образование и наука. Станува збор за 17 студенти од кои дел се запишани на втор циклус и завршиле. Ова се тие осум, а останатите продолжиле на трет циклус. Едно уверение не е поништено од страна на Факултетот и тој е задолжен да го поништи. Ние откако ќе постапи Факултетот ќе ги поништиме и уверенијата на сите овие осум студенти. Тоа е првото нешто, значи МОН постапува по закон и не прави разлика дали се приватни и јавни универзитети. Секаде каде ќе забележиме неправилност ние постапуваме, рече Јаневска.
Посочи дека втората неправилност која е констатирана е веќе објавена на Славјански универзитет се поништени две дипломи на еден студент кој во исто време студирал додипломски и постдипломски и постои сериозно сомнение за фалсификат на двете дипломи.
– Случаите од Филозофскиот факултет на УКИМ и од Славјанскиот универзитет се пријавени во Јавното обвинителство. Дефинитивно Јавното обвинителство ќе утврди понатаму во своите ингеренции како треба да ја води постапката, додаде Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на државната награда „Гоце Делчев“ за остварувања во науката.
Извор: fokus.mk






