Вучиќ: Криминални кланови рекетираат бизнисмени низ Србија и им бараат по милион евра


Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ на социјалните мрежи соопшти дека организирани криминални групи им се закануваат на бизнисмени и сопственици на успешни компании низ Србија барајќи од нив по милион евра. Според неговите тврдења, на оние што одбиваат да платат им се закануваат и со смрт.

Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ / Фото: Принтскрин
Во видеообраќање на Инстаграм, Вучиќ вели дека криминални групи, меѓу кои и група од Врачар, испраќаат заканувачки пораки до бизнисмени во повеќе градови во земјата. Тој ја поврза нивната активност со криминални организации од Црна Гора и додава дека тие се претставуваат како членови на Студентската листа.

„Теророт буквално владее во Србија. Во тек е една од најодвратните акции што некогаш се случиле во Србија од 1945 година“,рече тој.

За време на обраќањето, прочита делови од преписка за која тврди дека му била испратена на еден бизнисмен. Во пораките, испраќачите бараат средба и предупредуваат дека во спротивно може да дојде до конфликт.

„Ќе подготвиш милион евра или ќе бидеш заклан“,гласи една од пораките што ја прочита Вучиќ.

Не го откри идентитетот на лицето до кое, според него, била упатена заканата.

Вучиќ тврди дека ваквите случаи не се изолирани и дека криминални групи упаѓаат во компании и угостителски објекти во Ниш, Аранѓеловац, Белград, Нови Сад и Суботица, каде што наводно изнудуваат пари од сопствениците.

Според неговите тврдења, дел од лицата што ги вршат овие активности се претставуваат како членови на Студентската листа, повикувајќи се на изборната победа на оваа група на 25 октомври.

Тој ја критикува и работата на полицијата и тврди дека нејзините капацитети се насочени кон обезбедување контејнери поради сомневања за уништување документација, наместо кон справување со криминалните активности.

„Ја трошиме целата полиција на чување на контејнерите за наводно уништување документи, а досега не пронашле ниту еден искинат документ, но затоа криминалците се маскираат и ја уништуваат Србија“,рече Вучиќ.

Оцени дека полицијата треба да ги насочи ресурсите кон откривање на лицата што, според неговите тврдења, им се закануваат на бизнисмените и се обидуваат да изнудат пари.

Back to top button
Close