Парламентот на Гренланд го ратификуваше безбедносниот договор со САД

Парламентот на Гренланд денеска го ратификуваше безбедносниот договор постигнат претходно годинава со американскиот претседател Доналд Трамп, со кој се предвидува проширување на американското воено присуство на островот, изградба на две нови воени бази и распоредување елементи од противракетниот систем „Златна купола“.
На гласањето во парламентот во Нук, 16 пратеници го поддржаа договорот, ниту еден не гласаше против, а седуммина беа воздржани. Министерот за надворешни работи на Гренланд, Муте Егеде, ја оцени ратификацијата како важен чекор, истакнувајќи пред пратениците дека мирот и стабилноста повеќе не можат да се земаат здраво за готово.
Договорот беше потпишан во септември од САД, Данска и Гренланд, со цел да се стават крај на тензиите предизвикани од претходните закани на Трамп дека ќе воспостави американска контрола врз овој стратешки и со ресурси богат арктички остров, дури и со можна употреба на воена сила, што во јануари предизвика загриженост кај европските влади. Документот истовремено го потврдува суверенитетот на Данска над автономната територија и го гарантира правото на жителите на Гренланд на самоопределување.
За време на дебатата, опозициската партија „Налерак“, која се залага за независност на Гренланд, ја доведе во прашање економската исплатливост на договорот. Нејзиниот лидер Пеле Броберг изјави дека бараат подобар договор со економски придобивки за идната независна држава, оценувајќи дека сегашниот документ не им носи финансиска корист.
Договорот, за кој не е потребно одобрение од Сенатот на САД, ќе стапи во сила откако ќе биде ратификуван и од данскиот парламент, каде што првата расправа е закажана за следната среда, а конечното гласање се очекува на 19 ноември.






