Жерновски: Алта банка е дел од бизнис шемата на Мицкоски и Вучиќ, a граѓаните ги плаќаат последиците


Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, во интервју на телевизија Алсат, предупреди дека Македонија допрва ќе ги почувствува негативните последици од поврзаноста на Мицкоски со Вучиќ.

Жерновски потсети дека СДСМ уште пред речиси една година предупредуваше за сомнителниот капитал на Алта банка и ризиците од нејзиното влегување во Македонија, но власта ги игнорираше предупредувањата. Тој посочи дека оваа банка не случајно не доби дозвола за влез на европскиот пазар, поради сомнежите за потеклото на парите, перење пари и безбедносните ризици.

„За жал, ние допрва ќе ја видиме рефлексијата или негативните ефекти од папочната врска на Мицкоски со Вучиќ. Ова е тоа што го гледаме прво, а ќе се случуваат и други пострашни работи. Во декември ќе наполни година дена точно како јас и моите колеги зборувавме на оваа тема и кажувавме дека влезот на Алта банка е со крајно сомнителен капитал, дека таа банка неслучајно не ја пуштаат во Европа и Централната европска банка има дадена забрана за да влезе поради потеклото на парите, поради перење на пари и поради безбедносните ризици кои што таа банка ги предизвикува и тој капитал во целиот регион“, рече Жерновски.

Жерновски нагласи дека влезот на Алта банка во Македонија беше форсиран и покрај предупредувањата, а како причина ги посочи бизнис интересите на Мицкоски и Вучиќ.

„Не бевме послушани. Се форсираше да влезе таа банка. Зошто? Затоа што тоа беше бизнис-зделката помеѓу Мицкоски и Вучиќ. И сега дојдовме до ова што го гледаме, за жал“, рече Жерновски.

Back to top button
Close