Момче заврши со повреди од Супермен предизвикот и се плаши да се врати во училиште: Кукавица си ако не учествуваш!
Ученик во шесто одделение во едно скопско основно училиште, на возраст од десет години, во вторникот завршил со фрактура на едната и набиеници на другата рака, откако негови соученици го фрлиле во воздух, односно ,,играле” Супермен предизвик, пишува Фокус.
Станува збор за Тик Ток предизвик, кога повеќе деца фрлаат во воздух дете, кое има за задача да застане на нозе откако ќе биде фрлено во воздух. Како што раскажува мајката на повредениот ученик за ,,Фокус” (нејзиниот идентитет е познат на нашата редакција), син и не сакал да учествува во предизвикот, кој веќе извесно време редовно се практикувал во неговото училиште.
Вели дека освен што бил најмлад во одделението, бил и со најмал раст, па исплашен од притисокот од останатите соученици, кои започнале да скандираат, за да го натераат да дозволи да биде фрлен во воздух, на крај ја прифатил играта, која завршила со фрактура и набиеници.
-Ова се случувало подолго време, и сите деца од одделението учествувале. За среќа, успевале да застанат на нозе и да поминат без повреди. Но, син ми паднал незгодно и заврши во болница. По настанот ми кажа дека за време на одморот се бркале и паднал, и јас не се посомневав во таа приказна. Но, во четвртокот брат ми ми испрати видео со предизвикот и ме праша дали случајно син ми се повредил како последица на предизвикот.
Веднаш го прашав детето, кое по долг разговор ми призна што се случило.
Имено, за време на одморот, помеѓу два часа, во училница играле Супермен. Откако одбил да учествува, учениците започнале да го притискаат, да му викаат дека е кукавица, започнале да го скандираат неговото име, и на крај се вклучил во играта која заврши со повреди. Како што ми кажа, откако го фрлиле, тој наместо на нозе, паднал на раце. Три дена се плашел да ми каже што се случило! Се плаши од реакцијата на соучениците, дека ќе му се налутат, дека ќе го избегнуваат, осудуваат!
Веднаш напишав во групата на родители што се случува во училиштето, дека тоа се прави за време на одмор внатре, во училниците. И по настанот со син ми играта не престанала, учениците не ја сфатиле сериозноста, вели мајката.
Додава дека е разочарана од незаинтересираноста на родителите, но и на класната наставничка, која и кажала дека има информации како децата играат Супермен, но тоа наводно го правеле надвор од училиштето.
…