Македонија вечна (проклета)!

За Локрум, како прекрасен остров до Дубровник, се вели дека низ векови е проклет. Таму ноќе нема ниеден човек. Имено, приказната за проклетството започнува во 1798 година кога дубровчани одлучиле да ги протераат сите бенедикти кои низ векови живееле таму. Првите тројца благородници кои биле задолжени да им ја пренесат таквата порака на бенедиктите, биле првите жртви во страшната приказна за Локрум. Првиот се фрлил од прозорец, другиот се удавил во морето на пат кон островот, а третиот бил убиен од својот слуга. Имено, пред присилното заминување, бенедиктитите го обиколија Локрум и фрлија силна клетва: „Проклет да е секој што ќе го купи Локрум за негово уживање“. И за чудо, таму низ векови трагично умирале сите негови купувачи!

Тогашните владари на Дубровник – Гучетиќ, Соркочевиќ и Пуциќ, поради финансиски проблеми на Дубровник го продавале островот за 60.000 дукати. Ама по кратко време Соркочевиќ скокнал од својата палата, Гучетиќ се удавил блиску до островот, а Пуциќ се обесил во својата соба. Потоа, островот бил купен од принцот Рудолф, син на австриската царица Елизабета и императорот Франц Јосиф – I. По три месеци Рудолф ја убил својата млада љубовница Марија фон Вецера, а потоа извршил самоубиство.

Нареден сопственик на островот стана некој капетан Тонашевиќ. За неполни шест месеци тој исчезнал со целата своја фамилија и никогаш не бил пронајден. Потоа островот бил купен од еден богат човек од Будимпешта кој брзо потонал со својот чамец. По некое време проклетиот остров бил купен од Максимилијан (братот на Фрањо Јосип Први), кого по неколку дена го убиле непознати лица. Потоа на островот се вратила неговата жена Шарлота која по неколку месеци извршува самоубиство.

Наредната жрвта како купувач бил кралот на Баварија Ото Фридрих Вилхем (Лудвиг Втори), кој истата година ја загубил власта и бил пронајден мртов покрај брегот. Во 1919 година островот бил купен од тогашна Југославија и никогаш не се продавал повеќе. Ама никој повеќе не живее таму, иако островот е жив рај. Островот има бројни посетители преку ден, ама штом затемни таму не останува човек.

Изгледа и Македонија е жртва на повеќе клетви! И тоа токму од тие што ја прогласија за библиска земја, а со нивните постапки истата ја претворија во проклета земја! Клетва од работници чии фабрики се продадоа за џабе, а тие беспомошно останаа на улица! Некој со два прста им ги украл парите што тие ги заработиле со нивните десет прсти. Клетва од тие што барале приватизација по ваучер системот, а масата остана глувонема во тоа, навикната на малото зло да плаче, а на големото да се смее!

Клетва оти луѓе од црното подземје ни станаа пример и импресија за елитизам. Клетва од соседите прогласени за лоши „волци“, а ние „невино јагне“! Клетва што претендиравме да бидеме „џин“ во регионот, а сме мали лилипути! Клетва поради тешко партизирани институции од што масовно беа протерани способни млади, на кои насекаде им стана подобро отколку во својата матична земја! Клетва оти за чесни станавме пекол, а за криминалци рај! Клетва оти од ветена земја станавме заробена држава! Клетва оти за иднината на живите одлучувале вековни гробови! Да не заборавиме на клетвата од еден поранешен претседател „до седмо колено“!

 

Нациократија!

Повторно сме сведоци на турбо-национализам, партиска одмазда и никаква поука не продре во нас за колапси на бројни неуспешни држави, кои не биле подготвени да ја прифатат реалноста и различноста. Од сеење омраза никако не никнува љубов.

ВМРО-ДПМНЕ, освен во почетната фаза на осамостојувањето на државата за време на Љубчо Георгиевски, никогаш повеќе не успевала да си се надмине себеси и да донесе државнички одлуки. Таа секогаш била кочничар на демократизацијата и евроатлантските интеграции, одбивајќи многу поповолни решенија. Секое подоцнежно решение станал понеповолно од претходното ја прокоцкавме шансата да во групата од 2004 година да станеме членка на ЕУ. Периодот меѓу 2005 и 2006 година државата пак доби зпадни симпатии (го доби статусот кандидат), со тоа да за две години да ги почне преговорите. Тито Петковски кој беше клуч за мнозинство се приклучи кон ДПМНЕ. Следеше гол патриотизам и глуп антицизам и сè заврши во смрдлив бунар. На самитот на НАТО во 2008 година Грците го сменија ставот поради лошите пораки на Груевски. Но, сепак со мали додавки би можело да се реши проблемот, ама инаетот не даде. А инаетот не му помага ниту на магаре пред мост. Во тој смрдлив бунар останавме цели 12 години. О таков „евтин патриотизам“ уште плаќама голема „политичката камата“, а умот пак не ни доаѓа! Скапо се плаќа секој ефтин популизам. Многу млади испарија од ваква држава.

Од друга страна, сегашната состојбата во меѓуетнички односи е вратена во почетоците на деведесеттите години. Мислевме дека ги поминавме тие детски болести, ама стасавме до “чума“. ДПМНЕ се враќа во местото на злосторството, со реинкарнација на омразата кон секого што не игра според нејзината здодевна и тажна музика.

Се сеќавам, во средината на 90-ти години, група пратеници учествувавме во една регионална конференција во Софија. Еден колега од ВМРО-ДПМНЕ, веројатно од почит кон домаќините, дискутирал на бугарски јазик. Нашите стручни и протоколарни служби се избезумија! Ги прашав што се случува? „Па како може да не понижи до ова дереџе за да дискутира на бугарски јазик“ – одговори едната ептен зацрвената од импулсивност. И реков, па исто како што може и на англиски, германски или француски!

 

Силувано владеењето на правото!

Власта сè уште не е опоравена за да прави дистинкција меѓу прекршителите закони од едната страна, и партијата, нацијата и поединци од другата страна. Па нели со месеци држи на функција човек со лажни документи! Успешната борба против корупцијата и криминалот првин почнува од сопствените редови. А има и многу полесна варијанта. Тоа е усвојување закон за одземање на недокажан имот. Веднаш се добива силна поддршка од јавноста. Од сите, без разлика на партија и нација. Крајно време е тоа да се прави. А и божја обврска е. Не е добро да ги расипаме одностите и со Севишниот. Ама нам сепак ѓаволот ни е миленик. А тој често доаѓа по свое. А пред ѓаволот да дојде по свое, требало ние да тргнеме по наше. Ама тоа не го дозволуваат „патроните на парите“. Па пред три дена јавно слушаме за купени хотели и многу станови! И тоа од турбо патриот(к)и! А органите си молчат! Дури и премиерот како докажан обвинител – си молчи!

Нам ни треба принципиелно и институционално дејствување, а не етничка, партиска и човечка супремација. Милошевиќ го започна хаосот кога самиот се прогласи за чесен и праведен, а сите други арамии и бирократи. Никој не наликува на чесен човек толку убедливо како голем измамник. Довербата е рушена кога се создаваат тешки рани, а тие налесно се нанесуваат со помош на јазикот. А на многу работи замижуваме. Не е добро на туѓото зло да се развикаме, а на нашето да се насмевнуваме! Омразата и дискриминацијата се форма на тешка атрофија на нормалноста. Стасавме до таму, пресудите да се нoсат по министерски кабинети!

Додека владее партиски егоизам, ќе владее и општ дефетизам. Нема да има развој, нема образование, нема мерит-систем, нема здравство, нема да има живот. Злонамерните со години фрлат клетва од типот – „Да даде Господ младите да ви отидат преку седумте мориња“! „Да даде Господ доктори да немате ни за лек“.. И навистина ги снема!

Мерсел Биљали

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close