Македонската реалност низ призма на националност
Почитувани читатели, во денешната колумна сакам да ги споделам со вас моите погледи за градење на свеста кај граѓаните во поглед на националната припадност. Патем, најважната националност е човечноста, да си човек по национално убедување.
Националноста како определба, во светот датира во поново време и не повеќе од 3 до 4 века наназад. Но во денешно време националноста е стожер на посебноста на луѓето, нивниот идентитет, автентичноста преку препознавање на општествениот, културолошки, спортски и уметнички живот. Јазикот е најсилниот закон за националноста на поединецот, било пишан и признат, било непишан и некодифициран.
Денеска, државите кои ја креираат целата мапа на Земјата, националноста ја издигнуваат на највисоко ниво. Од сите можни сегменти на социјалниот и општествен живот, во сите полиња и сфери на нашето живеење, националноста претставува вистински ориентир за тоа каде се движи светот. Нашата македонска национална посебност денеска е оспорувана. Најнапред од нашите соседи Грција и Бугарија, а убеден сум дека овие две држави имаат поддршка од многу други силни држави во светот. Навлегувајќи во суштината на изградбата на националната посебност, се соочив со многу индикации дека виновници за ваквиот однос на нашите соседи кон нас, сме си самите ние, Македонците. Сами против себе.
Античка Македонија како држава остави длабоки и силни траги во развојот на севкупната цивилизација во светот. Таа е минато. Средновековната Самоилова држава ја доживуваме како наша македонска, меѓутоа истата е оспорувана од нашиот сосед Бугарија. И тоа е минато. Денешната Република Македонија постои веќе полни 80 години како самостојна држава. Првите 45 години бевме во федерација со останатите Југословенски републики. Денес блиску 35 години опстојуваме како самостојна држава. Македонскиот национален порив за посебност никнува кон крајот на 19 век, време кога во светот веќе се оформени денешните најсилни и најмоќни нации во светот. Ова е мој личен впечаток.
Нација се гради со личности кои имаат безусловен респект од сите граѓани кои што ја доживуваат националната посебност. Говорам за личности кои ја градат таа нација во сите области на нејзиното живеење. Реално, кај нас Македонците е многу специфична или поточно кажано недефинирана националната реалност. Изнедривме национални имиња со без условна почит за лица коишто се бореле и ги дале своите животи кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, како што се великаните Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и многу други. Од 1944 година па до денес, цели 80 години не изнедривме личности кои без поговорно ќе бидат почитувани од сите Македонци. Таткото на модерниот македонски литературен јазик, Блаже Конески и денес е оспоруван од многу Македонци. Не изнедривме личности со безпоговорна почит во областа на политиката иако веќе 80 години сме самостојна држава. Не изнедривме личности за без поговорна почит од областа на културата, уметноста, спортот.
Не можам да го прифатам фактот дека за 80 години самостојна држава, иако имавме многу посветени луѓе во политиката, уметноста, културата и спортот, не создадовме личности со без поговорна почит. Ние како да немаме услови за великани или барем не умееме да ги величиме вистинските.
За секој лик којшто го заслужува ваквиот пиетет, ние, самите Македонци ќе му додадеме негативна нитка во плетењето на неговиот лик и дело.
Силните политички личности на Македонци од бившата СФРЈ, денес се закопани во нашето поимање за почит, како Крсте Црвенковски, Лазар Мојсов, Лазар Колишевски, па дури и првиот претседател на самостојна Република Македонија Киро Глигоров. Многумина од нив дури и се лустрирани под изговор дека служеле на тогашниот режим на ФНРЈ, СФРЈ.
Блаже Конески го маргинализираме со називот „џуџето од Небрегово”. Моќни поети, уметници со многу силни дела зад себе, токму ние, Македонците ги лустриравме. Големиот поет Славко Јаневски и академик Томе Серафимовски, беа етикетирани како противници на македонската посебност! А тие впрочем се амбасадори на македонската култура и уметност, академици и великани кои што секоја друга нација во светот би им давала почит до небо. Чувствувајќи ја македонската реалност како аура полна злоба и со порив за себеуништување, убеден сум дека и неприкосновените личности во нашата македонска меморија, како Гоце Делчев и многумина како него доколку денеска беа со нас, ќе ја доживееја истата судбина – да бидат маргинализирани или осудени за предавство.
Нација се гради со силни личности од сите сфери на животот. Токму тука лежи кревкоста на нашата македонска национална посебност. Си поставувам горливо прашање пред себе, како и многумина Македонци како мене, дали пораснавме, дали созреавме да изградиме национална посебност согласно светските критериуми? Светците се запишани во Библијата не поради фактот дека биле безгрешни, туку поради делата кои ги правеле за доброто на човештвото.