Магдебург: Кој е уапсениот напаѓач Талеб А.?

Во нападот во Магдебург во меѓувреме има најмалку пет загинати и 200 повредени. Германскиот канцелар Олаф Шолц апелира на општествена кохезија. Кој е всушност уапсениот напаѓач Талеб А.?

Магдебург тагува по жртвите во нападот. Фотографија: Ronny Hartmann/AFP/Getty Images

Билансот на жртвите во нападот на божиќниот пазар во Магдебург се зголеми на најмалку пет лица, додека повеќе од 200 други луѓе се повредени, соопшти премиерот на Саксонија-Анхалт, Рајнер Хазелоф (ЦДУ) во саботата, по посетата на местото на злосторството со  канцеларот Олаф Шолц (СПД). Шолц истакна дека речиси 40 луѓе се толку сериозно повредени „што мораме да бидеме многу загрижени за нив“. Канцеларот, кој го посети местото на трагедијата,  божиќниот пазар во Магдебург,истакна дека е во шок и апелираше по страшниот настан „да се задржи кохезијата на земјата, да не се дозволи сеење на семето на омраза, а против сторителите да се поставува со целата сила на законот.“

Германскиот канцелар Олаф Шолц при посетата на Магдебург апелира на општествена кохезија
Германскиот канцелар Олаф Шолц при посетата на Магдебург апелира на општествена кохезија. Фотографија: Christian Mang/REUTERS

Во петокот вечерта Талеб А. со возило поминал 400 метри низ божиќниот пазар во Магдебург, прегазувајќи и повредувајќи повеќе луѓе.

Сѐ уште е нејасно дали и што вели уапсениот 50-годишник за неговиот мотив за злосторството. Интервјуата и неговите онлајн активности покажуваат слика на човек кој го отфрла исламот и симпатизира со АфД.

Окудни се информациите официјално потврдени од надлежните за Талеб А. Тој доаѓа од Саудиска Арабија, живеел во Германија од 2006 година и има дозвола за постојан престој. Неговото последно место на живеење бил Бернбург во покраината Саксонија-Анхалт. Познато е и дека бил лекар специјалист по психијатрија и психотерапија. Институцијата Салус од Саксонија-Анхалт, која се занимава со помош на луѓе во здравствени и психички кризи, потврдила дека 50-годишниот Талеб А. таму работел на терапија на луѓе со зависности од 2020 година.

Според неговиот пасош од Саудиска Арабија со кој располага новинската агенција АФП, Талеб А. е роден во 1974 година. Тој е шиит и доаѓа од источна Саудиска Арабија. Студирал психологија во својата земја пред да замине во Германија,  каде дошол затоа што се откажал од исламот и оттогаш се чувствувал прогонуван.

А. се гледа себеси како активист кој долги години бил исклучително активен  во Германија,  особено на денешниот онлајн сервис Х, познат  како Твитер,  со илјадници пораки до неговото апсење.

Тој се презентира таму со фотографии, опишувајќи се себеси како критичар на исламот. На пример, А. напишал дека, според неговото искуство, „германската полиција е вистинските двигатели на исламизмот во Германија“. Тој ја обвинува полицијата дека користела „валкани тактики“ против него и другите критичари на исламот во март оваа година со цел „да го уништи нашиот антиисламски активизам“.

А. има слика за себе како критичар на исламот. И тој политички се позиционира на десниот спектар. Левицата е „луда“ – „ни треба АфД за да ја заштитиме полицијата од нив“. Во својот самоопис за Х, А. зборува како теоретичар на заговор. „Германија ги лови саудиските баратели на азил внатре и надвор од Германија за да им ги уништи животите“, напишал тој таму, исто така и следново: „Германија сака да ја исламизира Европа“.

Напад Магдебург божиќен пазар
Во петокот вечерта Талеб А. со возило поминал 400 метри низ божиќниот пазар во Магдебург, прегазувајќи и повредувајќи повеќе луѓе пред да биде уапсен. Фотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Околу крајот на терористичкото возење, А. има објавено видео полно со навидум збунувачки обвинувања. Според изјавите дадени во него, тој се чувствувал прогонуван, прашање е дали е тоа можеби индикација за психолошки проблеми?

До пред само неколку години, А. се презентирал како активист кој им помагал на жените да избегаат од Саудиска Арабија. Во 2019 година беа објавени неколку интервјуа и извештаи за неговите постапки во Германија и на меѓународно ниво.

Во тоа време тој изјавувал дека сака да ги информира жените од Саудиска Арабија за германскиот систем за азил. Според него, со овие информации тие требало да го најдат патот до ослободување од угнетувањето.

Тогашната цел на сегашниот осомничен напаѓач била жените угнетувани од нивните сопрузи да бараат заштита во Германија. Но, и во Германија развил негативен однос против земјата во која живее. На неговата интернет страница, која се уште е активна, А. напишал дека негов совет е да не поднесувате барање за азил во Германија. (DW)

Back to top button
Close