Филхармонија ќе остане без тромбонист, вработени обвинуваат дека директорот самоволно не им ги продолжува договорите за работа
Група вработени во оркестарот на Македонската Филхармонија реагира дека директорот на институцијата Александар Котевски самоволно не им ги прдолжил договорите на повеќе лица од техничкиот и продукцискиот сектор. Тие преку онлајн петиција собираат потписи за поддршка на колегите кои, како што велат се оставени на улица.
Првично, петицијата почнала за поддршка на тромбонистот Никола Ристевски на кој не му бил продолжен договорот за работа по 10 и пол години ангажман во оркестарот на Филхармонија. Ристевски бил ангажиран на позицијата втор и трет тромбонист, а во петицијата како што се наведува, нема официјално образложение зошто не му е продолжен договорот.
„Институцијата до сега нема добиено ниту една писмена поплака за извршувањето на работните должности за Никола, од домашните и меѓународни диригенти кои диригирале со оркестарот, ниту пак е евидентирана од страна на водачите на секциите/концертмајсторите. Против Никола до сега не е водена ниту една дисциплинска постапка за прекршување на дисциплината, а секцијата во која Никола свири, секцијата тромбони, е фалена како една од најквалитетните секции во оркестарот. Дополнително, проблем претставува фактот што институцијата сега ќе остане без вработен на работно место за кое институцијата ќе исплаќа дополнителни средства да истото биде пополнето, според потребите и систематизацијата на институцијата“,се наведува во писмото.
Вработените во Филхармонија обвинуваат дека станува збор за самоволие на директорот кој поради лични каприци го довел во прашање квалитетот на работата на институцијата и бараат реакција од повисоки инстанци.
Во петицијата се бара поддршка и за Дијана Илковска Имери (нототекар), Симона Симуновска (асистент продуцент), Антоние Весковски (соработник за сценско-музичка дејност) и Ален Хаџи Стефанов (тон мајстор), на кои исто така не им биле продолжени договорите.