Георгеску: Руте и НАТО преку Романија се обидуваат да ја започнат третата светска војна во Украина


Победникот од првиот круг од претседателските избори во Романија, кои во меѓувреме беа поништени, Калин Георгеску изјави дека НАТО и генералниот секретар на таа воена алијанса Марк Руте се обидуваат да ја започнат третата светска војна во Украина.

Во интервју за американскиот новинар Алекс Џонс, Георпгеску изјави дека Руте се обидува преку Романија да предизвика почеток на војната, пренесува романскиот портал „Диги24“.

– Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте се обиде да ги наметне своите правила и да ја принуди третата светска војна во регионот, Украина, особено Романија. Ова е најголемата опасност со која се соочуваме. Овие земји имаат само робови на позиции на моќ, а инаку сега има многу малку лидери во светот. Во Романија тие се само марионети и преку нив сега сакаат да и наметнат трета војна на Украина преку Романија, што е можно поскоро – рече Георгеску во подкастот на Џонс.

Тој додаде дека е убеден дека тоа нема да се случи, но, како што оцени, ситуацијата е драматична.

Георгеску изјави дека војната во Украина не може да се контролира без Романија.

Тој оцени и дека западната воена алијанса е поделена меѓу новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој сака мир и „европското крило“ кое промовира провоена политика.

– Тие се преплашени дека некој како мене ќе ја прекине војната во Украина – заклучи Георгеску.

Тој претходно тврдеше дека воената база „Михаил Когалничеану“ во Романија ќе се трансформира во најголемата воздушна база на НАТО во Европа и ќе се користи како платформа за започнување војна против Русија.

Back to top button
Close