„Илика“ објави фикционална биографија за поетесата Силвија Плат од шведската авторка Елин Кулхед
Издавачката куќа „Илика“ на 23 јануари, со почеток во 20 часот, во „Јуроп хаус Скопје“ ќе ја промовира книгата „Еуфорија“ – роман за Силвија Плат од шведската авторка Елин Кулхед.
Промоцијата ќе ја модерира и со авторката ќе разговара професорката и преведувачка Калина Малеска. Освен што ќе бидат прочитани извадоци од романот, тој ќе биде разгледан од повеќе аспекти: какво е видувањето на Елин Кулхед за пишувањето фикционална биографија и како е да се позајмува гласот на друга авторка.
Романот „Еуфорија“ е прониклив и драматичен приказ на последната година од животот на поетесата Силвија Плат пред нејзиното самоубиство во 1963 година. Надминувајќи ги амбициите да биде историски роман со биографска подлога, ова е книга за една разорна љубов, за мајчинството, за неверството, за справувањето со сопствените демони и за еуфоричната мистичност на креативниот чин во кој се раѓа поезијата.
Елин Кулхед е шведска писателка и новинарка. Родена е во Упсала во 1983 година. На книжевната сцена дебитирала со неколку книги за деца, а нејзиниот прв роман за возрасни е „Еуфорија“, објавен во 2021 година и награден со највисокото шведско книжевно признание, наградата „Август“.
Преводот на романот е на Катерина Јосифоска. Дизајнот на постерот е на Ема Велковска и Марија Смилевска, a портретот на Елин Кулхед е на Олоф Гринд.
Во понеформална атмосфера читателите ќе можат да ја запознаат авторката Елин Кулхед и да разговараат со неа за сите прашања кои ги отвора романот „Еуфорија“ на 24 јануари (петок), во 18 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје