Нова театарска претстава за млади: „ЧУДО“

Со задоволство ве информираме за нова театарска претстава за млади – „Чудо“ со текст и режија на Хана Миленковска, со младата актерската екипа: Мартина Даниловска, Наум Ѓорѓиески, Ангела Пејковска, Димитар Паскоски и оригинална музика на Ади Имери. Продукција на претставата е на: Koma design studio. Претставата премиерно ќе биде изведена во Културен центар Јадро на 10.02.2025, а следниот ден на 11.02. планирано е репризно издание. Изведбите ќе почнат во 20:00 часот.

Целта на оваа претстава е да се занимава со актуелни проблеми на младите луѓе од овој геополитички контекст, врзани со род, социјален статус, недостаток на конструктивна поддршка од системот и родителите, како и неможност да се потпрат на никој освен на своите врсници за одредени прашања.

Младите денес сѐ уште се соочуваат со недостаток на слух од образовниот систем, површно третирање на суштински проблеми, како врсничко насилство и родова и дискриминација по основ на сексуална ориентација. Покрај тоа, не постои формално сексуално образование, како и конзистентна и бесплатна поддршка за проблемите со менталното здравје кои за жал во ова доба се доста присутни, или веројатно поради доволно информации сме посвесни за нив сега од било кога.

Една од главните тези е дека сите сме ограничени од сопствените животни искуства и дека начинот на кој бараме и нудиме помош на околината зависи од тоа како ни се формирале тие концепти за време на развојот.

Оваа претстава има за цел да не потсети сите на фактот дека сме заедница, притоа поставувајќи ги прашањата кои не спречуваат да се поврземе.

Оваа претстава е дел од кампањата Биди чудо од девојка, во рамки на проектот „Еднакви можности за девојките и младите жени во Северна Македонија“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежа Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Претставата е наменета за млади и бесплатни влезници можете да резервирате на следниот линк

За медиумски информации, интервјуа или дополнителни детали, ве молиме контактирајте ја aleksandra.filipova@nms.org.mk или информирајте се на mladihub.mk.

 

 

Back to top button
Close