Концерт со афро-кубанска музика на Националниот џез оркестар
Националниот џез оркестар на 20 февруари во Филхармонијата ќе одржи концерт насловен Кубански оган (Cuban Fire) под диригентската палка на Зиги Фајг од Австрија, кој веќе има настапувано со џез оркестарот во земјава.
-Ве покануваме на уште едно неверојатно музичко доживување што се фокусира на афро-кубанската музика и ги спојува биг-бенд музиката со кубанските ритми и мелодии! Низ оваа автентична „латино свита” ќе не води нашиот долгогодишен пријател и соработник, диригентот Зиги Фајг (Австрија) кој со години го држи пиедесталот на најдобар биг-бенд диригент во Европа и пошироко, најавуваат од Националниот џез оркестар на нивниот официјален фејсбук профил.
Концертот е насловен Кубански оган (Cuban Fire) по истоимениот албум на исклучителниот американски џез-бенд лидер, пијанист, композитор и аранжер, Стен Кентон. На репертоарот ќе бидат дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот Cuban Fire, вистинско биг-бенд ремек-дело кое критиката го опишува како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката.“
Зиги Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, ХГМ биг бендот, биг бендот Суд, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.
Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции. Има соработувано со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.
Концертот со афро-кубанска музика е закажан за 20 февруари во Филхармонија, со почеток од 20 часот.