Белата куќа спречи новинар на Асошиејтед прес да известува за настан поради несогласување со уредувачката политика на агенцијата

Асошиејтед прес објави дека Белата куќа му забранила на новинар од агенцијата да известува за настан поради уредувачката одлука да се продолжи да се нарекува Мексикански залив, што беше преименуван од претседателот Доналд Трамп, во Американски залив.

АП беше предупредена од Белата куќа дека ако не го усогласи својот уредувачки стил со претседателскиот декрет за преименување на заливот, агенцијата нема да добие пристап до настанот во Овалната соба.

„Вознемирувачки е тоа што администрацијата на Трамп ќе ја казни АП за нејзиното независно новинарство“, рече извршната уредничка на агенцијата, Џули Пејс.

„Ограничувањето на нашиот пристап до Овалната соба врз основа на лингвистичката содржина објавена од АП не само што сериозно го попречува пристапот на јавноста до независни вести, туку и јасно го прекршува Првиот амандман“, додаде Пејс.

Здружението на дописници од Белата куќа (WHCA) соопшти дека забраната на новинар да присуствува на настанот е неприфатлива.

Трамп еднострано го смени името на заливот веднаш по преземањето на функцијата. Сегашното име на заливот на јужниот брег на САД се користи од 16 век, јави ДПА.

АП соопшти дека ќе го нарекува заливот „по неговото првобитно име, а истовремено ќе го признае новото име избрано од Трамп“.

Back to top button
Close