ДКСК: Патувањето на сопругата на Гаши на НАТО-самитот во Вашингтон е законско
Демири на денешната седница на ДКСК побара да се достави препорака за доуредување на упатството на собранието кое ги регулира службените патувања со одредби по примерот на Кодексот на Владата за етичко однесување
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе одлука за запирање на постапката по пријавата за незаконска исплата на трошоци за патување во странство на сопругата на претседателот на Собранието Африм Гаши.
Како што рече членот на ДКСК, Сервет Демири одлуката е донесена бидејќи не се потврдени и утврдени повреди на одредби од законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Демири на денешната седница на ДКСК побара да се достави препорака за доуредување на упатството на собранието кое ги регулира службените патувања со одредби по примерот на Кодексот на Владата за етичко однесување. Комисијата утврди дека актуелното Упатство за реализирање на службени патувања во странство, содржи правна празнина и недореченост.
Пријавата која ДКСК ја разгледуваше се однесува на покривање на трошоци за патување реализирано во период од 8 до 11 јули 2024 година на парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон (САД). Демири рече дека со пријавата биле доставени патни сметки без да биде наведено на кое лице се однесуваат. Тој потврди дека од Собранието била доставена документација како покана, решение за патување, финансиска конструкција за патувањето, копија од дипломатска патна исправа и соодветна виза, кои биле разгледани.
„Утврдено е дека сопругата на претседателот патувала во странство, како дел од делегацијата, врз основа на решение донесено од секретарот на собранието. Анализата покажа дека трошоците се покриени од буџетот на собранието и дека постоела програма за брачните партнери и дека тоа е вообичаено при вакви настани“,
рече Демири во образложување на предметот.
Според него, за носителите на оваа функција треба да се применуваат истите стандарди како и за премиерот како носители на највисока функција на извршната власт кои се содржани во донесениот Кодекс за етичко однесување за членовите на владата и носителите на јавните функции именувани од страна на владата донесен на седницата на 22.09.2020 година. Во него предвидено е, и дозволено со државни средства да бидат покриени трошоците за брачниот другар/другарка кога патуваат како дел од официјална делегација.
„Во таа насока, ДКСК препорачува Собранието да поведе инцијатива за дополнување на споменатото упатство и да се предвиди изрична одредба за регулирање на ваквите случаи, по примерот на кодексот на владата. Со оваа измена ќе се постигне правна усогласеност и јасност во постапувањето и ќе се спречи различно толкување на одредбите во иднина“,додаде Демири.
Освен за овој предмет, ДКСК денеска на седница ја отфрли пријавата против министерот за култура и туризам Зоран Љутков која се однесуваше на вработување на неговата сестра.
Во реферирањето на случајот со вработувањето Народниот музеј во Велес беше наведено дека Љутков не можел да влијае или да биде вклучен во постапката за вработување, со оглед дека основач на установата Народен музеј е Општина Велес и таа е под ингеренции на локалната самоуправа.
Меѓу останатото на седницата беше кажано дека сестрата на министерот Љутков е вработена со договор на дело, а не како што е наведено во пријавата на неопределено време, а со тоа и постапката за нејзино ангажирање не била повредена.
Ова беа главните аргументи врз основа на кои ДКСК изгласа одлука за запирање на постапката против министерот за култура и туризам Зоран Љутков.