Време на лагата
Макс Вебер, авторот на прочуеното дело „Протестантската етика и духот на капитализмот” (1904), на почетокот на модерниот век, дваесеттиот, укажа дека кога модерниот индустриски капитализам ќе се обедини со целосната рационализација на животот, тогаш тоа ќе создаде еден „челичен кафез” околу светот. Вебер сметаше дека рационализацијата му ја одзема на светот аурата, го „разволшебнува”, односно, го демитологизира и го преобразува во обичен материјал. Овој процес Вебер го нарече „Entzauberung der Welt”. Тоа, пак, станува опасност за слободата во општеството. Неверојатно реална е и неговата прогноза, дека во тој „челичен кафез” околу светот може да се стави секаква содржина. Вебер сигурно не можел да си замисли дека со „кафез околу светот” го опишал денешниот глобален капитализам. Тој е незамислив без „мрежата” околу светот – интернетот. Парадоксално, „мрежата”, интернетот, иако израз на најразвиената дигитална цивилизација, почна повторно да го „митологизира” светот во моментот кога автократите во „мрежата” препознаа средство за манипулација со „душите и умовите”. И тоа не само во едно општество, туку во целиот свет. Најмодерната техника им послужи на центрите на политичка моќ, со „хибридни војни” со информации, со „теории на заговор”, да ги манипулираат луѓето на третиот милениум.
Така тие почнуваат да веруваат во митологија, демагогија и „лажни вести”. Ако порано ќе го препознаевте образованието на еден човек по тоа кои весници ги чита, денес на „лажните вести” им веруваат и „неписмените и писмените”. Зашто онлајн е пристапно сѐ за сите, од делата на класиците до теориите на заговор. За тоа на луѓето не им треба библиотека, ниту новински киоск. Сето тоа го има во мобилниот телефон.
„Заглупување“ на корисниците
Тоа што Вебер го предвиде како опасност по човечката слобода во модерниот дигитален капитализам, всушност, со пропагандните „фабрики за лаги” стана средство за „заглупување” на корисниците, зашто во нив се „препарираат” фактите, па лагата се прикажува како непобитен факт. Неограничената политичка и економска моќ на неколкумина и на неколку центри на моќ, кај нив ги разбуди фантазиите кои се сметаа за одамна надминати. Светот се преобрази во борба на империјални суети. Како секоја декаденција, неограничената желба за моќ на модерните автократи од типот на Путин и Трамп е фасцинирана од злото, од егоистичните, примитивни импулси. Тие ги создаваат самите своите „вистини”, со тоа што ги первертираат познатите факти и ја манипулираат перцепцијата на луѓето.Притоа во нив ги будат најниските страсти – омразата и злото. Потоа на социјалните мрежи луѓето ги повторуваат папагалски „лажните вести” како апсолутна вистина. И никој не може да ги разубеди во тоа. Затоа што така стои во интернет! Затоа што „лагата” го изговара тоа за кое тие немаат храброст да го застапуваат јавно. Анонимноста на интернетот и на социјалните мрежи ги урива сите морални скрупули. Модерната техника, обединета со желбата за манипулација со умовите, од корисниците прави паразити, луѓе без критичко мислење.
Замена на вистината со лага
Затоа новите автократи се неодвоиви од дигиталните капиталисти. И едните и другите профитираат од светот на лагата, на кој работат со заеднички сили. Не зачудува што на инаугурацијата на Трамп во првиот ред седеа дигиталните „олиграси” Маск, Закерберг и Безос. Кај нив желбата за пари и моќ е толку неограничена, што посакуваат, заедно со автократите како Трамп и Путин, да владеат со целиот свет. Токму затоа првата цел е да ја уништат демократијата со истите методи на замена на вистината со лага. Путин во мигот кога Русија ја нападна Украина го забрани зборот „војна” и го замени со „специјална операција”, за да ја маскира стравотноста на војната со бирократскиот поим, кој не сугерира убивање и страдање. За да може да си создаде простор за манипулација со фактите. Да ги убеди руските граѓани дека Украинците се „фашисти”, иако, всушност, самиот со нападот на Украина го „копираше” нападот на Хитлер на Полска. Германската АФД ги „препарира” историските факти и тврди дека „Хитлер бил комунист”. Некои Германци, особено помладите или тие во бившата ГДР, кои не се доволно информирани (или не сакаат да се потсетат!), забораваат дека првата цел на Хитлер беше да го уништи комунизмот, а во тој контекст го вгради и антисемитизмот. За новите симпатизери на стариот нацизам е типично да „играат” со скриените стравови и фантазии кај луѓето. За Германците во источна Германија, денес непријателот е „комунизмот”, зашто страдаа од авторитарниот социјализам во ГДР. Затоа АФД ним им помага да го „голтнат” од нив повампирениот фашистички бацил, велејќи дека „Хитлер бил комунист”. За да може луѓето да го заборават теророт на старите нацисти, туку да мислат само на нивното искуство со комунистите во ГДР. И пропагандата против „мигрантите”, всушност, е само „камуфлажа”, зад која се крие стариот нацистички антисемитизам. Прво кај потенцијалните избирачи се поттикнува незадолството дека источните Германци не добиле толку, колку што сакале да добијат од другите Германци по обединувањето, затоа што „сите пари” се трошеле за помош на „мигрантите”, за потоа тоа незадоволство да го канализираат во омраза кон „мигрантите”, поттикнувајќи ги фантазиите дека Германците би биле среќни само кога би живееле во национално „чиста” германска држава.
Лицето на злото
Истиот „дигитален кафез” околу светот ги произведува „лагите” кои од корисниците прават луѓе со ум и фантазии кои повеќе одговараат за свеста на луѓето во Средниот век, но не во дваесет и првиот. Новите десничари не се конзервативни во класичната смисла, туку се авторитарни анархисти, лажни револуционери чија цел е да го урнат демократскиот поредок. На тоа укажува и Јувал Харари, кога нападот врз Капитолот на симпатизерите на Трамп го споредува со нападот на Бастилја во Франција. Само што тогаш револуционерите сакаа да го урнат декадентното кралство за да создадат модерна граѓанска демократија, а Трамп сака да го урне демократскиот поредок за да се прогласи за декадентен американски крал. Кога во овој контекст ќе се потестиме на фантазиите на Путинова Русија како „Нова Византија”, а Путин како „руски цар” по угледот на големите византски цареви, тогаш станува јасен механизмот на власта на новите автократи. Тие од себе создаваат „копија” на некогашните историски „оригинали”. Демократите во Француската револуција ги детронизираа кралевите и им ги одземаа замоците, а денешните „дигитални олиграси” градат за себе замоци, кои можат да бидат само лага, имитација на оригиналите. Само пред десетина години ќе беше незамисливо Илон Маск да биде советник на претседателот на Америка. И дека тој на својата феудална платформа „X“ ќе дели совети на гласачите во други држави за која партија да гласаат. За жал, илјадници корисници не препознаваат дека тоа кај него е израз на фантазијата за сопствената неограничена моќ, што, всушност, е патологија за која пишуваше Ерих Фром, на примерот на Хитлер и Сталин. На Маск не му е доволно да го освојува космосот, зашто прво сака да го освои целиот свет. Светот да стане „играчка” за неговите авторитарни фантазии. Секако, тоа е можно само кога ќе се девалвираат сите демократски и еманципаторски вредности, а првата жртва во тој процес е секогаш вистината. Таа се заменува со лагата, која, кога ќе стане власт, ја гони со сите средства „вистинската” вистина. Впрочем, тоа е лицето на злото откако постои светот. (Dw)
Кица Колбе