Родовата платформа ги осуди нападите врз жените и алармира на порастот на мизогинијата во јавната сфера
Деновиве во јавната сфера сме сведоци на засилени мизогини напади врз жени што поттикнуваат дискриминација и родово-базиран говор на омраза, а овие напади се уште позагрижувачки имајќи го предвид фактот дека доаѓаат од истакнати функционери и новинари, односно јавни личности кои имаат значајна моќ и одговорност во јавната сфера и истите најостро ги осудуваме, наведено е во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.
„Најостро ги осудуваме нападите на Драган Павловиќ Латас на кои се изложени новинарките на ИРЛ, Сашка Цветковска и Деница Чадиковска, а со цел да се наруши нивниот интегритет и да ја дискредитира нивната работа. Поттикнувањето на насилство и говор на омраза кон новинарките е посебно загрижувачки бидејќи доаѓа од новинар кој треба да знае дека како јавна личност има исклучително влијание врз јавното мислење, како и дека неговите зборови предизвикуваат сериозна штета. Во ситуација кога сме соочени со опасното влијание на засилени антиродови движења кои што ги подриваат основните темели на човековите права и демократските институции, враќајќи ги жените во патријархалните опресивни и стереотипни матрици, ваквиот напад носи дополнителна тежина и го интерпретираме како напад врз сите жени“, наведено е во реакцијата.
Оттаму потсетуваат и на дигитално родово-базираното насилство преку социјалните медиуми на антиродовите движења изминатиов период, на кое беа изложени и новинарките Снежана Лупевска Созен и Марија Митевска, за да се дискредитира нивната работа на емисијата КОД, за финансирањето на антиродовите движења.
„Да не заборавиме и на повиците на насилство и заканите по живот преку лажен профил кон новинарката Рита Бехадини преку социјалната мрежа Фејсбук, кои беа пријавени но сè уште нема судска разврска. Новинарките во Македонија постојано работат со предизвици, под закана за нивната безбедност, а голем број од нив и со нерегулирани работни односи. Тие се дискриминирани на повеќе начини и во самите редакции, и надвор на терен, но и во дигиталниот простор, а нападите кон нив се сè посилни, посебно родово-базираниот говор на омраза. Ја повикуваме јавноста да ги препознае и осуди ваквите обиди за дискредитација и загрозување на новинарките и жените, а од надлежните институции – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство бараме итна реакција и преземање мерки за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарките, како и соодветно казнување на родово-базираниот говор на омраза“, наведено е во реакцијата.
Од Платформата потсетуваат и на најсвежиот пример во Собранието, каде што од говорницата министерката Гордана Димитриеска-Кочоска употреби родово-базиран дискриминаторски говор насочен кон пратеничката Славјанка Петровска.
„Изјавата на Димитриеска-Кочоска е ште една потврда за распространетоста и толеранцијата на родовата дискриминација која се практикува со цел да ги понижи жените, посебно во јавната сфера. Овој опасен наратив директно придонесува кон уназадување на позицијата на жените во општеството. Посебно загрижува тоа што доаѓа директно од министерка и од законодавниот дом, место каде законите што се носат и реториките што се употребуваат влијаат на сите жени во ова општество. Да се сведе улогата на една жена само на „мајка“, а притоа да не се адресираат и решаваат проблемите на жените кои се позасегнати од сиромаштијата, грижата за децата и старите лица, без родова и социјална инфраструктура, е крајно непочитување и игнорантски пристап“, се вели во реакцијата на Родовата платформа.