Започна меѓународниот турнир по брш шах „Карпош Рапид 2025“

Повлекувајќи го првиот потег на шаховската табла наспроти бугарскиот Велемајстор Кирил Георгиев, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, официјално го означи почетокот на јубилејниот десетти турнир во забрзан шах „Карпош Рапид 2025“, кој се одржува викендов во хотелот „Александар Палас“.

Традиционалниот турнир го организира шаховскиот клуб Гамбит Ассеко под покровителство на Општина Карпош, која го поддржа турнирот со финансиски средства во висина од 150.000 денари.

Силите на шаховската табла ги одмеруваат околу 150 шахисти од регионов и пошироко, каде главен судија е Интернационалниот арбитер Зоран Стојчевски. Турнирот е рејтингуван и се игра согласно ФИДЕ правилата за забрзан шах во девет кола по швајцарски систем, со еден час пауза по петтото коло.

Во оваа пригода градоначалникот Јакимовски ги поздрави сите љубители на оваа древна стратешка игра, при што им посака добра концентрација и пријатен престој во општина Карпош.

  • Топло ве поздравувам од името на Карпош, особено нашите гости од Бугарија, Црна Гора, Србија, Косово, Германија и секако нашите сограѓани од Македонија. Од позиција на четврти мандат на кормилото на локалната самоуправа, јас се сеќавам кога првпат го направивме овој турнир, заедно со дваесеттина шаховски ентузијасти во урбаната заедница Карпош 1. Потоа го организиравме турнирот во просториите на „Реплек“во Нерези, па во свечената сала на „Гранит“, за да денеска дојдеме во оваа голема сала во хотелот „Александар Палас“ – посочи Јакимовски.

Притоа, првиот човек на Општината напомена дека порано локалната самоуправа давала значително поголема поддршка за овој спорт.

  • Во добрите времиња кога имавме поголеми приходи издвојувавме годишно дури и по 100.000 евра за шахот, а сега очигледно издвојуваме многу помалку. Логично е дека со помали приходи, Општината е приморана да ги скрати и средствата за ваквите проекти. Но сите ние мора да се надеваме на подобри денови, на посолиден општински буџет, кога ќе можеме финансиски како што доликува да ги поддржиме активностите од овој вид. Тоа искрено го посакувам, за повторно да го вратиме нашиот турнир на светската мапа, каде се одржуваат шаховски натпреварува од елитен ранг – додаде градоначалникот Јакимовски.

Инаку, наградниот фонд на турнирот изнесува 100.000 денари, а за главните награди (до десетто место) се обезбедени 85.000 денари. Исто така ќе се доделуваат и специјални награди во вредност од 15.000 денари, кои ќе бидат доделени на најдобро пласираните играчи (за секого по 3.000 денари), во категориите најдобро ненаградена жена, најдобар играч до 18 години, најдобар ветеран од 65 години (и постари), како и за најдобар играч без титула до 1900 и до 2100 рејтинг поени. Во случајов еден играч може да добие само една награда и тоа поголемата по редослед на приоритет.

 

Back to top button
Close