ГАЛЕРИЈА: Нешто “шепоти” под површината: Што кажуваат портретите сокриени зад осум ремек-дела

Нешто се движи. Се чини на секои неколку недели, се појавуваат вести за сензационални откритија во светот на уметноста – слики скриени зад други слики и исчезнати лица под счоевитр боја и лак на ремек-делата кои мислевме дека ги познаваме до милиметар. Само минатиот месец се открија мистериозни фигури заробени под површината на дела од Тицијан и Пикасо. Но што треба да научиме од оваа бавно растечка колекција на тајни погледи – овие празни постоења кои истовремено нè ужаснуваат и восхитуваат?

Во почетокот на февруари беше откриено дека истражувачите од лабораториите „Андреас Питас“ при Кипарскиот институт, користејќи рендгенски зраци и напредни техники на снимање, докажале дека постои портрет на мустаќлија кој држи перо, свртен наопаку, под сликата „Ecce Homo“ на италијанскиот ренесансен мајстор Тицијан, од 1570-75 година.

На површината на платното, Тицијан го прикажува измаченото Исусово лице, со врзани раце со јажиња, како стои рамо до рамо со раскошно облечениот Понтиј Пилат, римскиот управник кој ќе го осуди на смрт. Што прави тука овој чуден, избришан, анахронски писар и што се обидува да ни каже?

Присуството на сокриениот портрет, кој невосприемливо продира низ craquelure (привлечните пукнатини во сликите на старите мајстори), првично беше забележан од историчарот на уметност Паул Јоанидис, а неговата важност за наративот на површината воопшто не е случаен. Иако идентитетот на превртената фигурата е сè уште неутврден, јасно е дека помогнал да се оформи вознемирувачката композиција под која бил закопан последниве 450 години. Анализа на слоевити слики покажува дека контурите на ликот на скриеното лице ги диктирале облините на врзувањето на Исусовите раце со јаже – воспоставувајќи ноти хармонија помеѓу последователните и навидум спротиставените композиции.

Чувството на тивка соработка помеѓу слоевите боја, помеѓу тоа што е и што било таму, е уште повпечатлива во тајниот гест на жената пронајдена од конзерваторите во „Корто“ институтот за уметност, под слика од синиот период на Пабло Пикасо. Тоа е портрет на пријател на уметникот, скулпторот Матеу Фернандез де Сото.

Исто така пронајден со помош на инфрацрвена технологија, портретот на скриената и сè уште неидентификуванта жена е прикажана порано, во поимпресионистички стил. Кога е изнесена на површината, изгледа како таа скриена жена да му шепоти во увото на Сото, како минатото и сегашноста да се сплотиле во еден запрен миг.

Во повеќето случаи, овие закопани портрети се само духови на отфрлени композиции кои не требало никогаш да ги видиме. Тие и ќе останеа скриени ако немавме помош од напредна технологија која им овозможува на експертите безбедно да продрат под бојата без да ја оштетат површината на делото. Рендгенски знаци откриваат тајни скици додека инфрацрвената рефлектогравија е способна да изнесе суптилни детали покриени од стар лак, детали кои не можеме да ги игнорираме. Откако се откриени, тие бараат да бидат толкувани.

Тоа што следи во оваа статија е краток преглед на едни од мистериознии портрети, често автопортрети, откриени како немирно престојуваат под познати ремек-дела, вознемирувачки постоења кои остануваат истовремено безизмерно блиску и светови далеку.

 

„Старец во воен костум“ од Рембрант

Рембрант го поврзуваме со тој матен, непокорлив свет во кој неговите ликови се надвор од времето, во вечна сцена изработена од јаглен.

Не го поврзуваме со весели зелени и раскошни црвени тонови кои го осветлуваат просторот со живост и енергија. Но, токму тоа го откриле истражувачите кога го подложиле делото на холандскиот мајстор, „Старец во воен костум “, на макро рендгенска флуоресценција (MA-XRF) и инфрацрвена рефлектографија. Заробен под Рембрантовото размислување за смртноста, облечен во дрско црвена и неуморна зелена патина, весел дух на младост ја засилува чувствителноста на ремек-делото.

 

„Св.Екатерина од Александрија“ од Артемисија Џентилески

Колку повеќе дознаваме за некои слики, толку помалку ги разбираме. Да го земеме за пример портретот на Св.Екатерина од Александрија од 1619 година.

Ренргенска анализа на италијанското барокно дело, направена во 2019 година, покажа дека Артемисија ја започнала сликата како автопортрет. Истиот наликува на поран и слично насловен автопортрет како Св. Екатерина, започнат околу 1615 година. Отплеткувајќи ги ликовите од двете дела е предизвик, но истражувачите сега мислат дека крајното дело, кое заменува турбан со круна и продирачки поглед со невин и рајски, ги комбинира елементите од ликот на уметницата со оној на Катерина де Медичи, ќерка на војводата Фердинандо де Медичи што го финансирал делото. Резултатот е доказ дека иако уметникот може да напушти една слика, сликата не може целосно да го напушти уметникот.

 

„Бахус“ од Караваџо

Караваџо само еднаш ставил потпис, и тоа со морбидна линија крв на дното од неговата најголема слика, „Обезглавувањето на Свети Јован Крстител“, од 1608 година. Но, тоа не е единствениот пат кога италијанскиот мајстор внел елемент од себе во своите дела. Во 2009 година, научници при користење напредна рефлектографија ја пробиле испуканата површина на Караваџовата „Бахус“, римскиот бог на виното, за да рехабилитираат малечок автопортрет којшто тој го скрил во рефлексијата на карафата (еден речиси суптилен детал што неуспешните реставраторски напори го затскриле откако скриенот портрет првично бил откриен во 1922 година).

Овој чуден, изобличен автопортрет кој се појавува и исчезнува во садот со вино, е клучен за значењето на делото, засилувајќи ги темите на пијана илузија и флексибилен идентитет, кои се централни во делото на Караваџо.

 

„Страк трева“ од Ван Гог

Еден век пред големиот режисер Дејвид Линч да ги вознемири гледачите во „Blue Velvet“, носејќи ги под тревникот кон почвата, Ван Гог бил зафатен со закопување нешта под неговата измамнички сончева „Страк трева“.

 

Со помош на рендгенски зраци со висок интензитет, истражувачи успеаја зад неговите светли парчиња трева да откопаат тажен портрет на селска жена која уметникот ја имал насликано години пред тоа. Ова откритие е уште еден доказ, кога станува збор за Ван Гог, дека колку и да делува весело едно дело, секогаш има нешто што клокоти под површината.

 

„Млада жена која се напудрува“ од Жорж Пјер Сера

На површината, „Млада жена која се напудрува“, е игрива медитација на преколопувањето на субјектот и стилот.

Тука, Жорж Сера ја употребува својата револуционерна поинтилистичка техника на безброј мали точки за да ја прикаже својата љубовничка, Маделајн Кноблох, како што таа распостранува пудрест облак низ ликот. Изгледа како точките боја да се вртат во воздухот до неговото згуснување – метафорично напудрувајќи го секој што ќе застане да гледа во неа. Овие вешто нанесени точки боја се откриваат и бришат истовремено, како да го повикуваат светот за само тој да исчезне повторно. Тоа чувство на брилијатно уништување се засили со откритието на скриениот автопортрет, единствениот познат од Серо, во отворен прозор кој тој потоа го има скриено зад уште еден точкест облак кој прикажува вазна со цвеќиња. Колку е тоа необично, нели?

 

„Портрет на девојка“ од Модиљани

Некои луѓе одбиваат да бидат заборавени, без разлика колку напорно се обидувате да ги избришете од сеќавањата. Италијанскиот модернист Амадео Модиљани и познатото „Портрет на девојка“ од 1917 година, е извонреден пример.

Некои истражувачи се сомневаат дека жената која се крие зад видливата слика е поранешна љубовничка на уметникот со која раскинале година пред сликањето на портретот. Во 2021 година, двајца кандидати за докторски студии на лондонскиот универзитет, искористија АИ за да го реконструираат скриниот портрет кој впечатливо наликува на поранешната муза и љубовничка на Модиљани, Беатрис Хејстингс. Иако идентитетот на двете жени, површинската и тајната, останува мистерија, додавањето слоеви ги зајакнува темите на прикривање и маскирање во творештвото на уметникот.

 

Петтата сезона“ од Магрит

Во својата слика „Петтата сезона“ од 1943 година, Рене Магрит прикажува два речиси идентични мажи во темни костуми и со шешири – реквизити кои често го сигнализираат присуството на неговото алтер-его. И двајцата мажи држат мали, врамени слики под рацете додека одат еден кон друг.

Насоката на чекорите не сугерира судир, туку повеќе блиско разминување и затемнување, како што едниот лик и сликата поминуваат зад другиот. Некако е соодветно дека зад оваа слика, во која „ се мешаат“ слики, е откриена, со помош на инфрацрвена рефлектографија, уште една слика: портрет на мистериозна жена. Таа има и силна сличност со сопругата на уметникот, Жоржет, но и карактеристики кои се сосема различни. Откривањето на скриениот портрет само ги засилува темите на загадочна двојност во делото на уметник кој е познат по своите измамничко заводливи слики.

Кели Гровиер

Превод: Филипа Сара Попова

Извор: Би-Би-Си

 

Back to top button
Close