Трамп за „Спектатор“: Путин е цврст и паметен лидер
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот лидер Владимир Путин е силен и паметен лидер и дека меѓу нив има „взаемно разбирање“ што можело да ја „одврати руската агресија“.
„Целата оваа војна е толку тажна. Најтажно е што тоа никогаш не требаше да се случи. Разговарав со Путин за тоа… Тој и јас добро се разбравме. Тој е цврст човек. Тој е паметен човек. Многу паметен. Многу интересен. Но, тој е тврд орев за кршење“, изјави Трамп за британскиот неделник „Спектатор“.
Тој повтори дека војната во Украина можеше целосно да биде спречена доколку тој беше претседател, а на својата администрација и припиша заслуги што и обезбедила на Украина ракети „Џавелин“, кои, според него, значително го промениле текот на војната и ги спречиле руските сили брзо да стигнат до Киев, нарекувајќи го „негов личен успех“.
Тој, исто така, изрази жалење за војната во Украина и за смртта на војниците од двете страни, нарекувајќи го конфликтот „брутална војна со дронови“ која ја проучуваат воени експерти ширум светот.
„Најтешко ми е да размислувам за сите овие деца што умираат. Секоја недела гинат 2.000 момчиња. Сега се Украинци, Руси, Украинци и Руси. Не можам да поднесам да го гледам тоа. Знаете, ова се луѓе, нели? И тоа е толку лоша војна и толку опасна војна. Навистина е лошо. Тоа е војна со дронови“, сосема нова форма на војување, истакна Трамп.
Според него, севернокорејските војници отишле во Украина да „учат“. „Тие научија на потешкиот начин. Ова не е добро. Тие претрпеа огромни жртви“, посочи Трамп.
Тој остро го критикуваше повлекувањето на американските војници од Авганистан за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, нарекувајќи го еден од „посрамните моменти во американската историја“.
„Тоа беше голема срамота. Мислам, всушност, најсрамниот период во историјата на нашата земја. А вие имавте претседател кој не можеше ништо да објасни. Тој не можеше да разговара со никого. И тоа беше катастрофа“, рече Трамп.
Тој, исто така, го осуди фактот дека американските војници кои заминуваат зад себе оставиле големо количество воена опрема, што, како што рече, ги направи талибанците едни од најголемите трговци со оружје во светот. „Дали знаете дека тие во моментов се втор или трет по големина трговец со оружје во светот, бидејќи продаваат се што им дадовме – 777.000 сосема нови пушки, 70.000 камиони, од кои многу се оклопни“, рече Трамп во интервју за британскиот неделник „Спектатор“.