Лавров: Нуклеарната реторика на Макрон е закана за Русија
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека нуклеарната реторика на францускиот претседател Емануел Макрон претставува закана за Русија.
Коментарите на Лавров доаѓаат како реакција на вчерашната изјава на Макрон, во која францускиот лидер изјави дека размислува да ги стави европските сојузници под заштита на францускиот нуклеарен арсенал.
– Ако тој нè смета за закана, свикува состанок на началниците на генералштабовите на европските земји и Велика Британија, вели дека е неопходно да се користи нуклеарно оружје и се подготвува за негова употреба против Русија, тоа, секако, е закана, изјави Лавров.
Рускиот министер ги спореди изјавите на Макрон со историските походи против Русија.
– За разлика од своите претходници, кои исто така сакаа да војуваат со Русија – Наполеон, Хитлер – господинот Макрон не дејствува многу елегантно, рече Лавров на прес-конференција. Затоа што тие директно рекоа: Мораме да ја освоиме Русија, мора да ја победиме и тој очигледно го сака истото, но од некоја непозната причина вели дека е неопходно да се влезе во војна со Русија за таа да не ја победи Франција, тој вели дека Русија создава закани за Франција и Европа, објасни Лавров.
Според него, „Макрон, за да ја спаси својата безнадежно погазена репутација во Франција, може да прибегне кон целосно непромислени акции“.
Тој додаде дека Москва ќе ги разгледува сите европски мировни трупи во Украина како официјално учество на НАТО во војната против Русија.
– Не гледаме никаква можност за компромис. Оваа дискусија се води со отворено непријателска намера кон Москва, нагласи Лавров