Владата ќе ја прифати минималната плата што ќе ја договорат работодавачите и работниците
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска вели дека Владата ќе прифати онолкава минимална плата во државава колкава што ќе договорат работодавачите и работниците. Но, таа не даде конкретен одговор дали има пресметка колку би требало Владата да субвенционира во придонесите доколку минималната плата се покачи до 30 илјади денари.
Прашањето до министерката следува откако вчера премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во буџетот нема пари за субвенционирање на разликата во придонесите од 24 400 до 30 000 денари минимална плата барање што во понеделникот го изнесе претседателот на Сојузот на стопански комори (ССМ).
„Во однос на минималната плата, не знам зошто воопшто има такви коментари дека сме биле во судир со синдикатите. Јас бев многу јасна во однос на минималната плата и кажав – ќе се договорат работодавачите и работниците, колку едните може да испорачаат, а колку другите може да платат. За нас ќе биде прифатливо сето тоа што ќе го договорат. Тие имаат дијалог меѓусебе. Што ќе прифатат таму, ние сме должни тоа да го обезбедиме. Што ќе договорат, јас како министер за финансии ќе го почитувам“,рече Димитриеска-Кочоска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Економскиот факултет.
Прашана за коментар околу изјавата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска дека предлогот за покачување на минималната плата на долг рок предизвикува инфлација и не носи стабилен живот за граѓаните, министерката не даде одговор. Коментар од министерката немаше и за тоа дали покачувањето на пензиите за 5 000 денари не предизвикува инфлација.
„Мислам дека многу јасни и прецизни бевме за пензиите и не би сакала повторно да се навраќам на тоа“,рече таа.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека како Влада ќе го прифатат барањето на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 30 илјади денари доколку Синдикатите и работодавачите се договорат за оваа сума, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.
Тој додаде дека дополнителните придонеси што би ги плаќала Владата, не се предвидени во буџетот.
Од ССМ во понеделникот рекоа дека до Владата, до претставниците на работодавачите и до координаторите на пратеничките групи во Собранието ќе достават предлог во кој бараат дополнително зголемување на минималната плата за 6 000 денари, што ќе значи и дополнително зголемување на сите останати плати на работниците во земјава. Исто така, ќе бараат и работодавачите да бидат субвенционирани за плаќање на придонесите за социјално осигурување во период најдолго за 12 месеци.
Со предлог за зголемување на минималната плата во понеделникот излегоа и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од каде рекоа дека во Собранието ќе достават предлог законско решение за покачување на платите до 15 илјади денари за 400 илјади работници.
Во законското решение се предлага придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување да се замрзнат на просекот од последните три исплатени плати на работникот и тоа да важи во период од една година, што значи дека работодавачите нема да имаат дополнителен финансиски товар при зголемување на платите.