Познатиот хирург од Битола признал дека зел поткуп и добил условна казна
Познатиот битолски хирург М.С (64) признал дека примил поткуп од пациентка и добил условна казна на судењето во Основен суд Битола. Случајот е решен по предлог спогодба во претходна постапка, меѓутоа, Основното јавно обвинителство од Битола не било задоволно од одлуката на судот и поднело жалба на пресудата, пишува „АПЛА.мк“.
Информациите се дека хирургот за операција на жолчно ќесе побарал од фамилијата на пациентката да се „почести“ со 150 евра.
Судот првично му определи притвор од 8 дена, а потоа дополнителни 30 дена, поради опасност од бегство.
На судењето хирургот ја признал вината за кое се товари, велат од ОЈО Битола.
„Жалбата поднесена од ОЈО Битола во овој случај е за висината на изречената санкција, сметавме дека санкцијата не е правилно одмерена согласно одредбите од кривичниот законик“, изјавија од ОЈО Битола.
Веднаш по обелоденувањето на случајот со хирургот, Битолската болница го смени од раководната функција и во консултација со Министерството за здравство го суспендира од работа, а од раководството на болницата изјавија дека се оградуваат од постапката на посочениот доктор.
Сега од Битолската клиничка болница потврдуваат дека хирургот додека бил во притвор поднел барање за заминување во пензија и од 26 февруари е формално во пензија.
Инаку како што е познато, на 28 јануари годинава хирургот беше пријавен во полиција од семејство од битолско, дека за операција на жолчно ќесе врз повозрасна пациентка побарал 150 евра за наводно да се „почести“.